Левица го презема приматот на главна опозициска партија во Скопје, а ВЛЕН станува водечка политичка сила кај Албанците во главниот град – овој заклучок се наметнува по гласањето за градоначалници и советници во првиот круг од локалните избори. Ако се анализираат бројките, тогаш произлегува дека Левица освои повеќе гласови од СДСМ во Скопје, додека ВЛЕН освои повеќе гласови во метрополата од коалицијата НАИ предводена од ДУИ, иако на државно ниво повеќе гласови имаат СДСМ и ДУИ, односно НАИ.
Имено, тоа јасно се виде и од гласањето за градоначалник на главниот град. Притоа, кандидатката на СДСМ Каја Шукова освои 26.737 гласови, додека кандидатот на Левица Амар Мециновиќ освои 30.665 гласови. Така, Мециновиќ заврши на второто место во трката за нов „градски татко“, поради што во вториот круг ќе се судри со првопласираниот Орце Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во првиот круг освои 91.663 гласови. Земено по општини, Мециновиќ освоил повеќе гласови од Шукова во сите општини, со исклучок на Центар.
Што се однесува до албанскиот блок, кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Скопје Башким Бакиу освои 27.898 гласови, или за 1.784 гласови повеќе од неговиот противкандидат од НАИ, Скендер Реџепи, кој освои 26.114 гласови. Главно, оваа разлика се должи на гласањето во двете скопски општини со мнозинско албанско население – Чаир и Сарај, каде Бакиу го победи Реџепи со 2.591, односно 325 гласови разлика. Во другите општини каде живеат значителен број на Албанци, како Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари, Реџепи освои повеќе гласови од Бакиу.
Ако се погледне гласањето за Советот на Град Скопје, тогаш се доаѓа до речиси идентична слика, имајќи во предвид дека Левица освои 26.811, а СДСМ освои 24.612 гласови, од што произледува дека и Мециновиќ и Шукова освоиле повеќе гласови од советничките листи на Левица и на СДСМ, со тоа што овој процент е двојно повисок кај Мециновиќ. Гледано по општини, Левица освоила повеќе гласови на советничката листа за Скопје во сите општини, освен во Центар, каде СДСМ освои 4.753, а Левица 3.012 гласови.
Она што е интересно, најмногу гласови во Центар освои советничката листа за Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ (6.883), додека во трката за градоналник на Центар во првиот круг не победи кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ – Мирослав Лабудовиќ, туку кандидатот на СДСМ Горан Герасимовски (8.535 наспроти 5.707 гласови). Меѓутоа, вреди да се непомене дека советничката листа на СДСМ за Општина Центар освои околу 80 гласови повеќе од листата на ВМРО-ДПМНЕ (6.089 за СДСМ наспроти 6.003 за ВМРО и 1.884 за ЗНАМ).
Оттука, Герасимовски освоил повеќе гласови од советничката листа на СДСМ за Општина Центар, а особено во однос на гласовите што во Центар ги освои советничката листа на СДСМ за Град Скопје, додека, од друга страна, Лабудовиќ освои значително помалку гласови во однос на гласовите што ги добија советничките листи и за Центар и за Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Тоа значи дека на граѓаните и гласачите или им е битен кандидатот за градоначалник и не гласаат по автоматизам, или, пак, се работи за нешто друго.
Во однос на албанскиот кампус, советничката листа на ВЛЕН за Град Скопје во Чаир освои 12.959 гласови, а листата на НАИ освои 11.031 гласови. Во Сарај, пак, разликата е многу помала, бидејќи советничката листа на ВЛЕН освои 8.742 гласови, а онаа на НАИ освои 8.628 гласови. Кога ќе се земе во обѕир гласањето за советнички листи за советите на двете општини, произлегува дека советничката листа на ВЛЕН за Општина Чаир освоила 13.509 гласови, а листата на НАИ освоила 10.397 гласови. Во Сарај, пак, листата на НАИ освоила 9.205, а на ВЛЕН 9.004 гласови.
Во тој контекст, треба да се истакне дека во трката за градоначалник на Чаир во првиот круг победи кандидатот на ВЛЕН Изет Меџити, кој освои 15.776 гласови, а неговиот противкандидат од ДУИ Бујар Османи освои 12.308 гласови (и двајцата освоиле повеќе гласови од партиските советнички листи). Каков е исходот во Сарај? И таму кандидатот на ВЛЕН Мухамет Елмази победи, со тоа што издвојува тесна победа пред кандидатот на НАИ Блерант Рамадани. Всушност, разликата изнесуваше 525 гласа, бидејќи Елмази освои 9.664, а Раманади 9.139 гласови.
Имајќи го тоа во предвид, произлегува дека ВЛЕН постигна чиста и убедлива победа во Чаир, со оглед дека победија и во трката за градоначалник и совет во Општина Чаир, но и во гласањето во рамки на оваа општина за градоначалник на Скопје и за советничка листа за Градот. Ако за Чаир воопшто не држи тезата на ДУИ дека ВЛЕН победил со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, во Сарај нештата се малку покомплицирани. Зошто?
Во рамки на Сарај, кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Скопје Бакиу го победи конкурентот од НАИ Реџепи со 325 гласови разлика, советничката листа на ВЛЕН за Град Скопје освои 114 гласови повеќе од листата на НАИ, а советничката листа на НАИ за Општина Сарај освои 201 глас повеќе од советничката листа на ВЛЕН. Истовремено, кандидатот за градоначалник на ВЛЕН Елмази го победи ривалот од НАИ Рамадани со разлика од 525 гласа, што може да се претпостави дека е резултат на поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, чија советничка листа за Општина Сарај освои 589 гласови.
Па, може да се каже дека Левица освои најдобар резултат во рамки на, условно кажано, македонската опозиција на ниво на Град Скопје и во сите скопски општини поединечно, освен во Центар, каде се уште СДСМ држи предност пред Левица, но воедно држи чекор и со ВМРО-ДПМНЕ. Во албанскиот блок, пак, ВЛЕН предничи пред ДУИ во Чаир, но и генерално во Скопје и цел скопски регион (ВЛЕН победи и во Арачиново), и тоа самостојно, без поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, која единствено имаше улога во изборот за градоначалник на Сарај.
Сепак, од метематички аспект СДСМ се уште е втора политичка партија по ВМРО-ДПМНЕ и најголема опозициска партија на ниво на цела државата, додека НАИ севкупно освои повеќе гласови од ВЛЕН. Конкретно, во првиот круг на советничките листи ВМРО-ДПМНЕ освои околу 301.000 гласасови, СДСМ околу 125.000 гласови, НАИ околу 114.000 гласови, ВЛЕН околу 92.000 гласови, Левица околу 58.000 гласови итн.
Но, во политичка смисла Левица може да се пофали дека издвојувала резултат што ја факторизира како водечка опозициска партија во главниот град Скопје, што има особена тежина. Покрај тоа, и ВЛЕН може да се пофали дека го добила првото полувреме од локалните избори, бидејќи, освен во Чаир, Сарај и Арачиново, доби градоначалници во Желино и Теарце и во вториот круг влегува со предност во Тетово, Струга и Дебар, додека ДУИ победи во Липково, Пласница и Чашка.
КАРПОШ, КИЧЕВО, СТРУГА, ДЕБАР, КОЧАНИ: Каде се очекуваат најинтересни битки во вториот изборен круг?
Влатко СТОЈАНОВСКИ