Демократската унија за интеграција денеска соопшти дека Централното претседателство едногласно донело одлука да побара распишување на предвремени парламентарни избори.
Во соопштението се наведува дека ставот за предвремени избори е заеднички и со партнерите во рамки на коалицијата Национална Алијанса за Интеграција (НАИ), која, според ДУИ, ја има поддршката на мнозинството граѓани во државата.
„По три изборни циклуси по ред – претседателски, парламентарни и локални, волјата на граѓаните е јасна, недвосмислена и во поддршка на НАИ“, се вели во соопштението.
ДУИ посочува дека во изминатите година и пол, граѓаните три пати ја потврдиле својата доверба во оваа коалиција, која според нивните податоци е „неоспорен победник на национално ниво“.
На последните локални избори, велат од ДУИ, коалицијата победи во повеќе општини, меѓу кои Гостивар, Липково, Врапчиште, Пласница и Чашка, а ќе оди во втор круг во Тетово, Кичево, Струга, Боговиње и Студеничани.
ДУИ во соопштението порача дека предвремените парламентарни избори се единствено решение за политичка и институционална стабилност, додавајќи дека секој обид да се игнорира волјата на граѓаните би бил „неразумен и антидемократски“.