МОСТ под лупа на Финансиската полиција

by Фокус 12:21
12:21

Дарко Алексов од МОСТ објави дека во понеделникот имале состанок со Финансиската полиција на кој разговарале со инспекторите.

-Коректно и прецизно ни побараа да ја подготвиме нашата документација и ни дадоа неколку дена за да ја доставиме. „Мост“ работи во согласност со законските прописи и ги почитува законите на Македонија, рече Алексов.

Информацијата дека инспектори на финансиската полиција упаднале во невладина организација ја соопшти белгискиот експерт Питер Ванхауте на својот пртофил на „Твитер“, каде напиша:„Награда за владата за испраќање на финансиска полиција за да замолчи невладина која е критична за подготовките на избори“.

- Advertising -

Во однос на шпекулациите што се појавија дека на некое лице му биле исплаќани десетици илјади евра, Алексов рече дека тие имале професионални ангажмани со домашни и странски експерти кои биле исплатени во согласност со нивните договори.

На прашањето дали од „Мост“ сметаат дека има услови за предвремени избори на 5 јуни, Алексов вели дека е добар момент ова прашање да се упати до ДИК и упати апел од таму да излезат и јасно да кажат дали постојат услови за избори.

Граѓанската асоцијација МОСТ ги презентираше наодите од набљудувањето на периодот пред распишувањето на изборите за два периоди: од 17 февруари до 3 април и од почетокот на набљудувањето на 1 декември 2015 г. па до 3 април.

Од 970 извештаи добиени од 80 набљудувачи во сите општини, за периодот од одржувањето на првата прес-конференција на 17 февруари па се до 3 април, може да се забележи дека за период од 1 и пол месец има многу повеќе регистрирани случаи на прекршувања, отколку за претходниот период од 2 и пол месеци, односно од почетокот на спроведувањето на проектот, 1 декември 2015, до одржувањето на првата прес-конференција на 17 февруари.

Зачестени се случаите на подготвување на списоци на потенцијални гласачи на ВМРО-ДПМНЕ во администрацијата, при што е зголемен и бројот на гласачи кои треба да бидат доставени, од 3 на најмногу 10. Ваквата појава е најмногу присутна во образовните институции, но исто така има регистрирани случаи и во јавни претпријатија, па дури и во приватниот сектор. Во овој период ваквата појава е забележана во 15 општини, додека пак во 18 општини е забележан притисок врз вработените во администрацијата да посетуваат партиски настани на владејачката партија.

Овие притисоци се сеопфатни и се вршат врз лица кои се вработени во јавните институции, лица кои допрва треба да се вработат, како и врз лица на кои треба да им се трансформира работниот однос, односно да добијат постојано вработување. Притисоците се вршат во разни форми, како на пример закани за преместување на работна позиција во друга општина, изрекување на дисциплински мерки или отказ.

Непочитување на принципот на одвоеност на државата и партијата при обраќањето на државните функционери на промотивните настани организирани од државните и јавните институции е забележано во 5 општини. Непочитувањето на овој принцип се состои во тоа што функционерите на овие настани ги промовираат своите партиски програми за следните парламентарни избори. Функционерите во 6 општини посетувале настани организирани од нивната политичка партија во текот на работното време.

Употребата на службени возила за партиски цели исто така е зачестена и е забележана во 4 нови општини.

Од почетокот на набљудувањето, односно од 1 декември 2015 г. до 3 април, од добиени 2.011 извештаи забележани се следните случаи:
Непочитување на принципот на одвојување на државата и партијата во 22 општини;
Злоупотреба на службената положба, односно притисоци врз вработените во администрацијата во 22 општини;
Злоупотреба на државни ресурси, односно употреба на службени возила за партиски цели во 11 општини.

Нелогичните одлуки на ДИК во изминатиот период, како и недостатокот на транспарентност за текот на теренската проверка придонесоа кон разни шпекулации и релативизации, а со тоа и кон зголемување на недовербата во процесот на прочистување на Избирачкиот список. На пример, се уште не е јасно како ќе се третираат оние лица кои не биле пронајдени на нивните регистрирани адреси и кои не се појавиле во подрачните канцеларии во предвидениот рок од 3 дена.

Сметаме дека поради притисок од кусите временски рокови, спроведувањето на теренската проверка и процесите поврзани со неа се одвиваа и ќе се одвиваат забрзано, што заедно со сите недостатоци на процесот споменати претходно, ќе има негативно влијание врз нејзиниот квалитет, а со тоа и врз целокупниот процес на прочистување на Избирачкиот список.

Ја користиме оваа можност уште еднаш да потсетиме на предизвиците со кои ќе се соочат институциите при бришењето на евентуалните спорни избирачи од Избирачкиот список, односно постоечките долги законски рокови за водење на управните постапки. Пред само неколку дена МОСТ ги промовираше предлозите кои треба да претставуваат појдовна точка за партиите да најдат консензуално решение што ќе овозможи соодветно постапување во ваквите случаи, со цел враќање на довербата во Избирачкиот список.

Прашањето на Избирачкиот список и неговото прочистување е од исклучително значење и поради тоа покрена голем број прашања и дилеми за тоа како функционира целокупниот институционален систем, како институциите комуницираат помеѓу себе и на кој начин ги водат податоците за граѓаните. Поради тоа, ја повикуваме ДИК да се произнесе за сите предизвици со кои беше соочена во текот на овој важен процес, а не само за теренската проверка, и на јавноста да и соопшти јасно и недвосмислено дали може да гарантира спроведување на кредибилни избори. Согласно член 31 од Изборниот законик, ДИК се грижи за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборите. Оваа нејзина надлежност добива уште поголемо значење имајќи предвид дека новиот состав и зајакнатите надлежности на ДИК произлегоа од Договорот од Пржино.

Поврзани новости