Поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, и уште две лица се ослободени откако беа приведени на сослушување во истрага за измама, соопшти денеска Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO).
Тројцата осомничени беа известени за обвиненијата против нив, кои вклучуваат измама во јавните набавки, корупција, судир на интереси и кршење на професионална тајна, се вели во соопштението.
Лицата беа ослободени бидејќи не се сметаат за ризик од бегство.
Белгиската полиција изврши претреси во дипломатската служба на Европската унија во Брисел и во елитен универзитет во Бриж. Беа претресени и домовите на осомничените.
Европската служба за надворешни работи (EEAS) и Колеџот на Европа се во центарот на истрага за сомнение за измама во врска со курс за обука за дипломати финансиран со пари од ЕУ.
Могерини, поранешна италијанска министерка за надворешни работи, моментално е директорка на Дипломатската академија на Европската унија и ректорка на Колеџот на Европа. Претходно беше раководителка на EEAS.
Според извештаите на белгиските медиуми, другите двајца осомничени се поранешен генерален секретар на ЕЕАС и заменик-директор на Колеџот на Европа.