Могерини и Хан: Спогодбата на Атина и Скопје ги направи горди Европејците

by fokus

„Патот напред е јасен. Тоj води кон вашето членство во Европската унија“.          Вака Могерини и Хан ја почнуваат заедничката колумна објавена вчера на страницата на Европската унија посветена на Македонија и одлуките на Советот на ЕУ кои се однесуваат на нашето зачленување.

Во заедничката изјава високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и еврокомесарот за проширување нагласуваат дека за да се оставри ваквата цел потребно е сите политички сили ја делат одговорноста за реформите во владеењето на правото, безбедносните служби, јавната администрација и функционалната пазарна економија.

– Сите политички групи и партии, локалните власти и граѓанското општество треба да ја преземат одговорноста за овој процес и заедно да ја подготват основата за преговорите.

Могерини и Хан уште еднаш го нагласуваат значењето на договорот меѓу Скопје и Атина за името, велејќи дека спогодбата ги направила горди Европејците и оти тоа е стратешки договор за двете земји и за цела Европа.

–  Двајцата бевме присутни на церемонијата на потпишување на Преспанското Езеро. Она што го видовме, дополнително ја зајакна нашата верба во континент обединет и во мир, со европската перспектива за Западен Балкан како двигател на стабилноста на регионот, наведуваат тие.

Европските дипломати истакнуваат дека изминатава недела членките на ЕУ го потврдиле тоа достигнување и поставиле јасен пат кон отворањето на пристапни преговори во јуни 2019 година.

Во моментот кога официјално ќе се отворат преговорите, вие  веќе ќе бидете на брз колосек… Сега е до вас да одите напред на овој пат кон иднината на заеднички просперитет и безбедност. Тоа е слободна и суверена одлука на вашиот народ – на никој друг.

Поврзани новости