МОБ во големи долгови, хонорарци чекаат исплата од 2014 година

by fokus

Седумдесет и четири лица кои се хонорарно ангажирани од Македонската опера и балет се уште чекаат исплата на дел од своите хонорари уште од 2014 година.

Според нашите информации, кои ги потврди и директорот на МОБ, Васко Ристов, долговите се големи и направени во изминатите неколку години.

Ристов, кој е на чело на оваа функција од минатиот август, истакна дека долговите кон хонорарците се уште од 2014 година, а откако тој е на директорската функција на оваа културна институција, хонорарите се подмирени.

„Во МОБ долговите се големи и се направени во последните неколку години. Има хонорари неисплатени и од 2014 година, се до моето назначување. Откако сум дојден како директор, редовно ги подмирувам хонорарите и потребите на МОБ. За сите овие години, има неисплатени хонорари на повеќе физички лица и фирми, лица-учесници во различни ангажмани и претстави во МОБ. Проблемот ќе се реши со вработување кое е најавено“, изјави за „Фокус“, директорот Ристов.

И поранешниот в.д директор на Македонската опера и балет, Ќазим Асотиќ, додаде дека овој проблем не е отсега.

„Овој проблем не е отсега. Егзистира како проблем веќе години наназад. Во мое време, се обидувавме редовно да ги исплаќаме, иако немавме поддршка од ресорното министерство кое има обврска за плаќање на странски хонорарци и 1 отсто од хонорарци од вкупниот број на вработени во МОБ“, ни рече Асотиќ.

За да објасниме што би требало сите хонорарци да направат во ваков случај, го контактиравме Синдикатот на новинарите, кои подолг период се занимаваат со ваквите проблеми на фелата.

Тие за „Фокус“ објаснија како општо за сите хонорарци што треба да преземат за да не бидат на крај изиграни. Од ССНМ советуваат на склучување на писмени договори, затоа што како што велат, поднесување на тужба е потежок процес.

„Доколку имате склучено договор за дело со правното лице за кое работите, можете врз основа на договорот да поднесете тужба во која ќе барате на име долг да ви бидат исплатени договорените хонорари и тоа во рок од три години од задоцнувањето со исплатата. Меѓутоа доколку немате ваков договор, тогаш работите стојат малку поинаку. Имено, во ваква ситуација потешко е докажувањето на основот врз основа на кој го темелите вашето барање. Во теоријата и праксата постојат начини преку докажување на постоење на таков договор со фактот дека истиот е во претежен дел исполнуван од двете договорни страни, што во конкретниот случај треба да се докажува со докази за изведувањето на работата и со претходни плаќања од страна на спротивната страна. Сепак, иако постои начин, најдобро е секогаш да се инсистира на склучување на писмени договори во кои ќе бидат уредени сите права и обврски на договорните страни“, велат од ССНМ.

Засега не е позната висината на долгот на МОБ кон хонорарците, а иако побаравме од актуелниот директор Ристов да ни испрати извештај, досега не добивме никаков одговор.

Фото – Макфакс, Фактор

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости