МНР бара осуда на говорот на омраза во бугарското Собрание

by Fokus

Министерството за надворешни работи вчера врачи вербална нота до бугарското МНР во која најостро ги осудува написите „Македонија е Бугарија“, кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците завчера за време на заседанието по првата точка во бугарското Народното собрание, но и усно пренесени од говорницата за време на истата седница.

– Таквите пораки се спротивни на европските демократски вредности, но и спротивни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот, се наведува во вчерашното соопштение на МНР.

Во соопштението се посочува дека земјава очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.

Министерство за надворешни работи на Бугарија, пак, вчера соопшти дека е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот, согласно член 12 од Договорот за пријателство и добрососедство со Република Северна Македонија.

 

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ваквото соопштение на бугарското МНР следи по вчерашната одлуката на Народното собрание на Бугарија со која се дава зелено светло на предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

Поврзани новости