Мнозинството земји-членки поддржуваат преговори со Македонија, по решавање на спорот со Грција

by fokus

Мнозинството земји-членки на ЕУ поддржуваат почеток на преговорите со Македонија, после решавање на спорот со Грција.  Македонија веднаш после решавањето на спорот околу името ќе стане членка на НАТО и со тоа уште позабрзано и пооодлучно ќе ги отвори портите на ЕУ.

Ова за МИА го соопштија од Владата во врска со „нон пејперот“ што беше објавен во медиумите во кој се вели дека Европската унија треба за следната пролет да го одложи почетокот на преговорите за членство во Унијата со Македонија и Албанија.

Од друга страна, додаваат, факт е дека постои дебата во ЕУ околу подготвеноста за ново проширување.

– Суштинските и коренити промени во земјата градат силни и услужни институции, праведна држава и силна економија за подобар живот на сите граѓани. Македонија е на вистинскиот пат, а темелните реформи се признаени од цела Европа и од сите земји-членки на ЕУ. Сите земји-членки на ЕУ сметаат дека Македонија треба да продолжи по овој пат и да го интензивира прогресот. За тоа говори и последната оценка на Европската комисија со која Македонија е оценета за најдобро рангирана во регионот на Западен Балкан и Турција за спроведување на препораките во економската програма за реформи, велат од Владата.

МИА дознава дека документот не е на ЕУ, туку е на две нејзини членки, Франција и Холандија и е поврзан со различните погледи на земјите членки околу проширувањето на Европската унија. Изготвен бил пред Самитот ЕУ – Западен Балкан, што се одржа на 17. и 18 мај во Софија. Во меѓувреме по самитот околностите се сменети.

Поврзани новости