Руската инвазија врз Украина ќе влијае на целата глобална економија со забавување на растот и зголемување на инфлацијата и би можела суштински да го преобликува глобалниот економски поредок на подолг рок, објави Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Надвор од човечкото страдање и историските бегалски текови, војната ги зголемува цените на храната и енергијата, ја поттикнува инфлацијата и ја еродира вредноста на приходите, додека ја нарушува трговијата, синџирите на снабдување и дознаките во соседните земји на Украина“, се вели во објавата на ММФ.
Тоа, според ММФ, исто така, ја нагризува деловната доверба и предизвикува несигурност кај инвеститорите што ќе ги намали цените на средствата, ќе ги заостри финансиските услови и може да предизвика одлив на капитал од пазарите во развој, се вели во извештајот.
„Конфликтот е голем удар за глобалната економија што ќе му наштети на растот и ќе ги зголеми цените“, соопшти ММФ.
Претставниците на ММФ веќе рекоа дека се очекува да ја намалат претходната прогноза на Фондот за глобален економски раст од 4,4 отсто во 2022 година. ММФ треба да ги објави ажурираните прогнози на 19 април.