Со сослушување на сведоци предложени од одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
На денешното рочиште треба да бидат сослушани повеќе сведоци, меѓу кои и Коце Трајановски и вешто лице на одбраната.
Како сведок на денешното рочиште бил повикани и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но не е присутен поради приватни причини.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.