Митко Јанчев: Немаме обезбедување, сопругата и децата излегуваат со мене

by Fokus

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, вели дека неговото семејство започнало да се смирува по заканите по живот, упатени кон него и неговата сопруга Веселка, пред неколку дена.

Со сопругата, тие се родители на три малолетни деца, Никола, Стојанче и Мила. Во разговор за ,,Фокус” Јанчев открива дека по сите вознемирувачки настани, тие се движат без обезбедување низ градот, и како е задоволен од работата на МВР во врска со случајот.

-Сите дома сме потсмирени сега. Сопругата и децата се движат слободно низ градот, немаме обезбедување, излегуваат заедно со мене, кога имам слободно време – вели Јанчев.

Околу тоа дали е откриен идентитетот на заканувачите, тој раскажува дека нема таква информација, но потврдува дека е задоволен од работата на МВР, каде ги пријавил заканите уште пред неколку дена.

Неговата сопруга Веселка одби јавно да раскаже за преживеаниот стрес и траумата, а Јанчев исто така не сакаше да открие точно со кои зборови и се заканиле.

Поради заканите тој го откажа гостувањето во емисијата 24 Отворено, и откри дека последниот месец константно добивале закани по СМС и на социјалната мрежа Фејсбук.

Тогаш, во телефонски разговор образложи дека заканите кон неговата сопруга биле причина да не присуствува на дебатата.

-Постојано добивам закани кои ги пријавувам во полиција. Пред референдумот имав ваква закана – На Јанчев во сон му се јавил татко и му рекол доколку излезе да гласа, за брзо време ќе се видат, а татко ми е покоен од 2005 година – изјави градоначалникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости