Митко Јанчев, кандидат за градоначалник на Кавадарци: Полицајците ни вперија пиштоли, а се правдаа дека гонеле група која превезува оружје и дрога

by Fokus

Митко Јанчев, кандидат за градоначалник на Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и сопственик на компанијата „Кожувчанка“, ексклузивно за „Фокус“ раскажува за настанот од 22 септември, кога, како што тврди, полицијата извршила насилен претрес со вперени пиштоли во него и неговиот возач и соработници, пред почетокот на партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, при влезот во Скопје.

Имено, како што изјави ден по настанот, Александар Тргачевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција, полицијата преку класична полициска местенка пред почетокот на партиската конвенција извршила насилен претрес на кандидатот за градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, при што му биле вперени пиштоли во главата.

„Полициската местенка била пропратена со неколку единици на полицијата, бројност која не е својствена за рутинска проверка на возила, туку само покажува целиот случај е инсцениран, со цел сеење на страв и заплашување. Го повикуваме МВР во најбрз можен рок да го расветли случајот и да утврди индивидуална одговорност“ – апелираше Тргачевски. Набргу потоа се огласија и од МВР, според кои пласираната вест била невистинита.

„Вчера, при извршувањето на своите работни задачи полициски службеници се обиделе да сопрат возило „Мерцедес“, кое со голема брзина се движело по бул. „Александар Македонски“ во Скопје. На дадениот знак возилото не застанало, по што полицајците со возило на МВР тргнале по „Мерцедесот““ со намера да го сопрат. По извесно време „Мерцедесот“ бил стигнат и запрен од страна на полициските службеници и согласно процедурите се побарани документи од сите четири лица кои биле во возилото, а меѓу нив бил и М. Ј… Полициските службеници ги прашале овие лица дали носат нешто недозволено или оружје, на што М.Ј. пријавил дека носи пиштол со дозвола, по што е направена проверка и утврдено е дека М.Ј. има дозвола за пиштолот. Додека полициските службеници ја вршеле проверката, во близина запрело друго возило, од кое излегле две лица, од кои лицето О.А. почнало дa ги навредува полицајците. МВР постапува единствено согласно законите и укажуваме дека ширењето шпекулации и невистини не е во интерес на граѓаните“ – информираа од МВР.

Јанчев вели дека сака да стави крај на шпекулациите, со тоа што детално ќе раскаже за целиот настан, и апелира до МВР да биде повикан на разговор, тој, но и сите останати сопатници и сведоци, за да дадат свои изјави.

– Решив да го прераскажам целиот настан за „Фокус“ и со тоа да ставам крај на шпекулациите. Ова е прв и единствен пат што за медиум зборувам за случајов, и сакам јавноста да ја слушне вистината за инцидентот. Постојано ми ѕвонат новинари, еве ја мојата вистина и стојам зад моите зборови.

На денот на настанот, тргнавме со возилото „Мерцедес“, во сопственост на фирма, јас како совозач, возачот кој е лице на возраст од 21 година, и двајца мои соработници, од кои едното лице е постар маж, на 63 годишна возраст. Зад нас, доаѓаше уште едно возило, џип, со тројца мои соработници. Се беше во ред, возачот внимаваше на сообраќајните правила и прописи во текот на целото патување кон Скопје. На влезот во Скопје, токму на местото каде што загина новинарот Никола Младенов, забележавме дека зад нашите возила се приклучи црн „Крајслер“, цивилно возило, без никакви полициски ознаки. За кратко време сфативме дека „Крајслерот“ не следи. Телефонски разговаравме со соработниците кои беа зад нас во џипот, и тие го забележале истото. Во близина на бензинската станица на „Лук Оил“, „Крајслерот“ ептен ни се приближи и вклучи сирена. Внатре имаше тројца луѓе, кои му сигнализираа на џипот да се тргне, по што нивното возило започна да вози паралелно со „Мерцедесот“ во кој бев јас. Луѓето започнаа да ни довикуваат да запреме, им беа отворени прозорците, и забележавме дека двајцата сопатници во „Крајслерот“ имаат вперени пиштоли кон нас. Запревме во паника, не знаевме што се случува. Луѓето излегоа од возилото, ни пријдоа со вперени пиштоли, рацете им се тресеа додека ги држеа. Ни рекоа да излеземе со рацете горе, што ние и го направивме. Веднаш застана и џипот со моите соработници, а еден од луѓето кои не запреа впери пиштол и кон сопатниците во џипот. Не знаев дали луѓето се полицајци, беа во цивилна облека. Тогаш се паркираше и еден полициски џип, од него излегоа уште три – четири лица. Се направи коридор околу нас, забележав дека уште неколку лица дојдоа од кај бензиската станица. Значи, за една минута се собраа околу 14 лица. Бевме опколени и постојано прашувавме што се случува, но ни беше одговарано да молчиме. Потоа, едно од лицата, за кое претпоставувам дека беше водач на акцијата не праша што имаме да пријавиме и кој е газда на „Мерцедесот“. Им кажав дека автомобилот е во сопственост на фирма, и дека имам да пријавам пиштол, кој го поседувам со дозвола. Веднаш го зедоа, го зедоа и шаржерот кој го чувам одвоено. „Мерцедесот“ и џипот беа комплетно проверени, се направи и записник. Лично јас, ниту пак било кој од останатите сопатници не беше претресен. Кога видоа дека нема ништо незаконско, како да им олесни и на полицајците. Сепак, уште неколкупати и јас, но и моите соработници ги прашавме што се случува, зошто беше целиот овој немил настан.

„Брзо возевте, само тоа можеме да ви кажеме“ – ни одговори едно од лицата. Додека траеше целата акција, забележав дека едно од лицата на мобилен телефон неколкупати повтори – „Мерцедесот“ е запрен. Пред да не пуштат да си го продолжиме патот, едно од лицата ме тргна на околу 20 метри од останатите и ми рече дека ме препознал.

„Ни беше јавено дека доаѓа „Мерцедес“ со група која превезува оружје и дрога, се работело за опасна група која дури и можела да отвори оган кон нас. Ми беше кажано без предупредување да ве легнеме, но јас ве препознав“ – ми кажа човекот, кој можам во секој момент да го идентификувам, ако тоа се бара од мене – раскажува Јанчев.

За тоа, зошто носел пиштол во автомобилот, вели дека не гледа ништо спорно, бидејќи го поседува со дозвола.

– Јас сум вљубеник во стрелаштвото. Имам дозвола за оружје веќе 16 години. Имам три пиштоли, од кои еден е мој, едниот го наследив од татко ми, а другиот од чичко ми. Тие и двајцата се починати. Имам и четири пушки. Едната е моја, другите три ми се исто наследени од татко ми и од чичко ми. Пиштолот постојано го чувам во колата, бидејќи често одам на стрелиште, каде се релаксирам. Тоа е мое хоби, одам и на лов, член сум во ловечкото друштво во Кавадарци. Имам пријатели со кои го делам истото хоби, стрелаштво и лов, и не гледам тука ништо спорно. Значи, не го чувам оружјето поради страв или затоа што сум добивал закани, како што се шпекулира. За мене оружјето не е само зло, туку и хоби, стрелањето ми е начин за релаксација – вели Јанчев.

По настанот со полициските службеници, вели дека веќе три ноќи ја сонува вперената цевка на пиштолот. Целиот настан предизвикал голем стрес кај неговото семејство.

– Децата, сопругата, мајка ми, сите се во депресија. Ја имам нивната целосна поддршка и ако некој мисли дека ќе ме заплаши и дека ќе се откажам, нема да успее во тоа. Се додека семејството стои покрај мене и верува во мене, јас не се плашам и не се откажувам. Тоа што сум кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, не значи дека јас треба да војувам со СДСМ или со било која друга партија. Ги претставувам интересите и идеологијата на една партија, и нема потреба од црни кампањи’ – тврди тој.

Вели дека после се, најмногу го боли тоа што од МВР изјавија дека возилото им било сопрено бидејќи возачот не застанал на сообраќаен знак.

– Ме боли изјавата на МВР дека не сме сопреле на даден знак, дека сме возеле брзо. Ако, на пример, возачот на еден автобус направи прекршок, дали сите патници се виновни, на сите ли ќе им се впери пиштол? За брзо возење не знам дали се прави претрес на возила, оти возилата ни беа целосно претресени, но не и ние, патниците. Ако сме сакале, сме можеле кај себе да носиме било што, никој навистина нас не ни направи проверка, туку само на „Мерцедесот“ и на џипот беше извршена. Ако според МВР јас лажам, нека ми поднесе пријава. Значи, се работи за настан каде не запре автомобил кој немаше полициски ознаки, ниту пак ни беше покажан налог. Ме интересира зошто се уште не сум повикан дадам изјава? Можам без проблем да се соочам со сите кои учествуваа во настанот, нека дадат свои изјави и тие. Ова е мојата вистина и стојам зад секој збор – раскажа Јанчев за „Фокус“.

Вики Клинчарова

Поврзани новости