Мисајловски за Фокус: Јасна изборна победа за да бидеме на чисто кој ќе прави влада!

by Фокус

Оваа постава на СДСМ на чело со Зоран Заев е тотално неспособна да донесе нешто добро за државата, способни се само да упропастат, да ја свиткаат кичмата, да го корумпираат системот и да ги одлеваат парите од буџетот, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничката листа во втората изборна единица Владо Мисајловски во мини-интервју за најновиот број на неделникот Фокус. Тој наведува дел од ветувањата кои, според него, актуелната влада не ги исполнила – над 500 евра плата и 100.000 денари плата за докторите, бесплатно здравство и нов клинички центар, чист воздух и враќање на младите…

Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС Каков резултат очекувате на изборите генерално и особено во рамки на втората изборна единица, каде ја предводите листата со кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ?

МИСАЈЛОВСКИ Очекувам народот да подвлече јасна црта и да каже:„Доста е, сакаме подобро, сите заслужуваме подобро“. Кога велам јасна црта, очекувам јасна победа на ВМРО-ДПМНЕ, се со цел по изборите да бидеме на чисто кој формира влада и чиј концепт ќе продолжи да ја води Македонија, дали губитничката екипа на Зоран Заев или новиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа, сега ни е потребна јасна победа, верувам дека граѓаните го чувствуваат тоа и убеден сум дека заедно ќе ја постигнеме таа цел.

ФОКУС Станува збор за специфична изборна област која опфаќа делови од Скопје, Куманово и неколку рурални средини. Има ли места каде посветувате најголемо внимание и какви ви се досегашните впечатоци од терен?

МИСАЈЛОВСКИ Нема места со поголемо или со помало внимание, за нас сите места се исти, сите граѓани се исти и проблемите се генерално слични. Таква е и нашата агенда, ќе поминеме во сите места, ќе ја презентираме нашата програма и ќе ја побараме поддршката од сите граѓани. Досегашните впечатоци од терен се дека има голема загриженост кај граѓаните, како за актуелните здравствени проблеми, така и за економската состојба и севкупно за иднината на државата. Луѓето не мислат дека државата се движи во добар правец. Добар дел се разочарани, дел се исплашени, дел се незаинтересирани за политика, но севкупно мислам дека луѓето бараат да видат нов импулс, да видат нова енергија, да видат искрен пристап од политичарите и конечно државата да тргне напред.

ФОКУС На последните локални избори бевте кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров, па оттогаш до денес што е сменето во расположението на граѓаните/гласачите во вашата матична општина, но и во цел изборен регион?

МИСАЈЛОВСКИ Ѓорче е општина во која луѓето си ја сакаат Македонија и, верувајте, беа силно погодени од сето она што се случи со името и севкупно со сите порази и газење по достоинството на Македонецот. Секому веќе му е јасно дека СДСМ не се грижи за националното достоинство, а од друга страна, од се што им ветија на граѓаните, ништо не исполнија. Тоа е само еден сегмент каде луѓето ќе ги казнат. Другите сегменти се во сето она што исплива на виделина изминативе години, за луѓето да сфатат дека оваа постава на СДСМ на чело со Заев е тотално неспособна да донесе нешто добро за државата, способни се само да упропастат, да ја свиткаат кичмата, да ги жртвуваат луѓето, да го корумпираат системот и да ги одлеваат парите од буџетот без притоа да направат што било видливо, корисно и добро за државата и за народот.

ФОКУС Кои се главните фактори што сметате дека ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада? Што, според Вас, ќе биде пресудно при формирање на новата влада – постигнатиот резултат, компатибилноста на програмите, политичките компромиси…?

МИСАЈЛОВСКИ Одговорот лежи во искрениот однос. Мислам дека овој пат граѓаните, особено оние кои на минатите парламентарни избори беа поведени од некои убави ветувања, веќе ја научија лекцијата. Нема поле во кое СДСМ и Заев не излажаа во изминатите години. Почнете од тоа дека името нема да се менува, преку 500 евра плата, живот за сите, чист воздух, 100.000 денари плата за докторите, бесплатно здравство, нов клинички центар и патишта кои ги нема, фабрики кои ги нема, загарантиран откуп на земјоделски производи, враќање на 600.000 млади назад во Македонија, уште еден куп вакви лаги, па се до правната држава, СЈО и Катица Јанева и секако завршете со она последното дека „одлично се справиле со кризата“, во период кога е Македонија означена со црвено на картата на Европа како земја во која бројките на заразени и починати се најлоши на Балканот и пошироко. Но со сигурност постигнатиот резултат ќе биде клучен за формирањето на новата влада и прифаќање на програмските цели со кои ќе ја побараме поддршката од народот.

ФОКУС Кои прашања ќе доминираат во текот на кампањата? Дали клучно ќе биде справувањето со здравствената и економската криза или ќе се обидете да наметнете и други теми, и кои би биле тие?

МИСАЈЛОВСКИ Секако дека темите од областа на здравството и економијата ќе бидат доминантни, такво е времето и предизвиците, но верувам дека подеднакво актуелни ќе бидат и темите за правосудството и за справувањето со криминалот и корупцијата кои очигледно се еден од најголемите камења врзани за вратот на нашата земја, тежина од која мора да се ослободиме. Верувам соодветно актуелни ќе бидат и темите за инфраструктурата, образованието, земјоделството, животната средина, туризмот и спортот. Впрочем, ние како ВМРО-ДПМНЕ сакаме да дискутираме и да дебатираме за позитивни нешта, за тоа кој може подобро, за концепти, за идеи, за обмислени проекти во многу области битни за граѓаните. За жал, Владата на СДСМ доведе до тоа повторно најактуелни да бидат негативните теми, најмногу да зборуваме за број на заболени и мртви, да зборуваме за дупките во буџетот, за кризни мерки и како да им се помогне на граѓаните и компании.

Целата сторија во која се обработуваат првата и втората изборна единица прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости