Мирсад Јонуз за „Фокус“: Јаховиќ ќе беше добра замена во нападот

by Fokus

Македонската фудбалска репрезентација утре од 15 часот го игра вториот натпревар на Европското првенство против селекцијата на Украина. За многу од фудбалерите, ова ќе биде одлучувачки натпревар за нашиот национален тим, а своја анализа за „Фокус“ даде и екс-селекторот Мирсад Јонуз.

Како што истакна тој, во овој натпревар мора да се влезе без притисок и да се внимава на контрите на брзоногите Украинци.

Со Украина ни е последната шанса да направиме позитивен резултат и да се надеваме на тоа трето место во групата. Очекувам фудбалерите да дадат се од себе, да се освежи тимот. Мора многу да се внимава на Малиновски и Јармоленко“, вели Јонуз.

На овој меч мора да се пристапи офанзивно, затоа што само со таква игра можеме да се надеваме на бодови, кои многу ни требаат.

Лошата страна на нашата репрезентација е неискуството на вакви тешки натпревари, бидејќи веќе сме прочитани како екипа. Ќе мора да се менува начинот на игра. Добра страна е што нема што да се загуби. Мора да нападнеме, имаме такви играчи кои играат во силни европски лиги. Натпреварот со Австрија ни покажа како може да ги извлечеме добрите страни кои ќе ни помогнат на дуелот со Украина“, додава Јонуз.

Уште кога селекторот Ангеловски го објави списокот на повикани играчи за ЕП, дел од јавноста реагираше – зошто на листата го нема Адис Јаховиќ, кој има неколку добри сезони зад себе.

Ќе мора да се води сметка за Пандев да одигра 60-70 минути и потоа да влезе свеж играч. Ако ги имавме Јаховиќ ќе беше добра замена во шпицот на нападот. Ние имаме слаби точки во сите линии. Ќе мора да се освежи тимот и да се искористат петте замени, бидејќи ритамот на игра е многу висок. Им посакувам среќа на сите. И да го остават селекторот да си ја доврши работата до крај, бидејќи слушам дека веќе му подготвуваат замена. Тоа не е коректно кон него“, го заврши разговорот Јонуз.

Фото – ЕУРО 2020, Спорт Арена, Гезтепе ФК

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости