Мировeн самит за Украина: Невозможно е решение без Русија

by Фокус

Во саудискиот град Џеда, на брегот на Црвеното Море, синоќа заврши мировниот самит за Украина, на кој учествуваа високи претставници од околу 40 држави, но немаше претставник на Русија. Средбата заврши по неколкучасовни говори на делегациите и долга дискусија зад затворени врати.

Како што се очекуваше, не беше објавена завршна декларација, но, според неименуван европски извор, договорен е заеднички став за клучните точки, пред сè дека во мировниот договор мора да се почитува „територијалниот интегритет и суверенитет“ на Украина.

На Самитот присуствуваа и претставници на земјите-членки на БРИКС, кои не застанаа зад Украина, но не ја поддржуваат руската инвазија што почна во февруари 2022 година. Според неименуван европски извор, Кина активно учествувала и позитивно се изјаснила за идејата за нов состанок.

-Се обединуваат напорите да се создадат услови за валидни преговори. Дали денешниот состанок ги создава овие услови? Очигледно не. Тоа е долгорочен напор – наведе француски извор.

Советникот на бразилскиот претседател Лула да Силва, Селсо Аморим, пак, посочи дека „во сите вистински преговори мора да бидат вклучени сите страни“, вклучително и Русија.

-Иако Украина е најголемата жртва, ако навистина сакаме мир, мораме на еден или друг начин да ја вклучиме Москва во овој процес – рече тој.

Претходно, Украина, заедно со САД, го критикуваа Ријад поради заедничкото спроведување на нафтената политика со Русија, чија цел е зголемување на цените на светските пазари. Сепак, нестабилноста на енергетските пазари поврзана со војната во Украина и даде можност на Саудиска Арабија да се врати на дипломатската мапа.

Поврзани новости