Мирко Попов: Распределбата на средствата за културата е скандалозна и навреда за сите што работат

by fokus

Немаме веќе простор, ниту милиметар, за да си ги нервираме најталентираните луѓе, децата кои живеат и работат тука и кои ни се единствената надеж да направиме нешто добро. Да се децентрализира моќта на министерот, да се воведе систем за правилен развој и негување на културните вредности, да се дефинираат критериуми и да има одговорност, порачаа културните работници, потписници на Иницијативата „Култура е насловна страна на секое општество“.

Тие денеска на прес-конференција ги повторија барањата: итна средба со премиерот Зоран Заев, неговата советничка за култура Цветанка Ласкова, министерот Асаф Адеми и националниот координатор Роберт Алаѓозовски, транспарентна ревизија на поддржаните и повторно разгледување, особено на одбиените проекти со новата Програма, зголемување на буџетот за културата и финализирање на Законот за јавен интерес во културата.

-Зошто Влада што има реформски карактер би сакала да ги стави во ваква позиција највлијателните и најевропски ориентираните луѓе и организации, праша Мирко Попов од ПМГ Рекордингс, квалификувајќи ја распределбата на средствата од годинашната Програма за култура како скандалозна и како навреда за сите што работат и постигнуваат резултати.

Одговорноста за распределбата на државната поддршка Попов не ја гледа само во министерот, туку, како што рече, во целата Влада.

-Распределбата на средствата е симптом на она што подолго време се случува во културата. Потребен е посериозен третман, евалуација и валоризација на сите културни работници, истакна Билјана Тануровска Ќулавковски од „Локомотива“.

Во врска со Програмата оцени дека проектите досега адекватно не се разгледани, освен одбиените од драмската и музичко-сценската дејност.

– Треба особено да се обрне внимание на одбиените и на поддржаните со недоволен износ кои доставиле комплетна документација, комплетна програма и издржани проекти, а се познати и признати на домашен и на меѓународен план, нагласи Тануровска Ќулавковски.

Како што рече Рисима Рисимкин, Иницијативата е повик да се почне дијалог за заедничко решавање на итните проблеми. Таа очекува одговорните луѓе да ги препознаат заложбите на културните работници и во најскоро време да одговорат на нивните барања.

-Ќе предложиме мерки за создавање ново, чисто и јасно поле за делување во културата. Бараме воведување на критериумот „одговорност“. Употребата на овој критериум ќе овозможи санкционирање на неправилното работење и на ненаменското трошење на доделените средства, подвлече Рисимкин.

Зад Иницијативата „Култура е насловна страна на секое општество“ стојат: Локомотива – Центар за нови иницијатива во уметноста и културата, Театар на Навигатор Цветко Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, Факултет за работи што не се учат (ФР~У)/АКТО Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – Танц Фест Скопје и Скопје танцов театар, како и
ПМГ Рекордингс. Поддршка на иницијативата даваат и други работници од областа на културата.

Поврзани новости