Министерот Адеми на средба со Форумот за демократска Македонија во Њујорк

by fokus

Министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми денеска имаше работна средба со претставници на организацијата Форум за демократска Македонија (ФДМ) во просториите на македонската мисија при Обединетите Нации во Њујорк.

Како што јави дописникот на МИА, на средбата се разговарало за актуелните политички процеси во државата и за неодамнешната позитивна препорака за започнување преговори со Европската унија.

Министерот Адеми информира за напредокот во изготвувањето на Националната стратегија за дијаспора каде повеќе организации и групи од иселеништвото, како ФДМ и Обединета македонска дијаспора, активно учествуваат во работната група.

ФДМ го поздравува инклузивниот процес на сеопфатно вклучување на сите релевантни чинители во дефинирањето и создавањето на стратегијата.

– ФДМ ја поздравува позитивната препорака и смета дека Македонија, како земја-кандидат, направила позитивни чекори во изминатава година, но и дека треба засилено да продолжи да работи на натамошни демократски и општествени промени за целосно да се интегрира во евро-атланските организации, изјавија од ФДМ.

Оттаму додаваат дека успешноста на овие промени, пред се, ќе се демонстрира со тоа колку граѓаните на Република Македонија реално ќе почувствуваат дека живеат подобро.

На средбата стана збор и за одредени сегменти од Националната стратегија за дијаспора, кои на практичен начин би го олесниле животот на македонските иселеници преку поедноставено добивање на лични документи.

Поврзани новости