На почетокот на денешното рочиште во предметот „Тврдина Таргет“, во чии рамки Специјалното јавно обвинителство товари службени лица во Управата за безбедност и контраразузнавање за незаконско прислушување и уништување на опремата, тогашниот прв човек на тајната полиција пред присутните во скопскиот кривичен суд изјави дека моментално е вработен во компанијата Макпоинт.
Како што своевремено пишуваше неделникот Фокус, станува збор за компанија основана во далечната 1993 година, чие седиште се наоѓа на домашната адреса на Мијалков, кој е сопственик но и управител на друштвото. Според Министерството за транспорт и врски, оваа компанија кон средината на минатата година добила лиценца за внатрешен и за меѓународен товарен транспорт, кои имаат важност до 2021 година.
Инаку, Макпоинт во април минатата година го формира и друштвото за товарен патен транспорт со назив Поинт Оил Транспорт. Патем, седиштето на оваа компанија се наоѓа во скопско Дебар Маало, на иста адреса како и компанијата Бест Веј Инвестмент, која ја основаше синот на Мијалков – Јордан Мијалков во 2015 година, неколку месеци откако неговиот татко се повлече од директорката позиција во УБК.
Оттогаш, Бест Веј Инвестмент влезе во неколку бизнис сектори, при што првата значајна бизнис активност се случува на самиот почеток на 2017 година, кога станува сопственик на нафтена компанија ОМ Петрол Оил, формирана во август 2016 година од страна на бизнисменот Масар Омерагиќ. Значи, откако неговиот син стекнал нафтена компанија со складиште за нафта во Р‘жаничино, една бензиска пумпа во Скопје и две бензиски пумпи во Гевгелија, Мијалков преку стара компанија основа ново друштво за товарен транспорт.
Набргу потоа, односно во август 2017 година, компанијата станала и единствен сопственик на компанијата за изградба на станбени и нестанбени згради Софија Градба. Со влезот во Софија Градба, Мијалкови впрочем станаа дел од сопствеништвото на тетовскиот прехранбен комбинат Жито Полог и на битолскиот земјоделски комбинат Пелагонија, но и на млекарата Здравје Радово, со оглед дека млекарата е во целосна сопственост на ЗК Пелагонија.
Покрај тоа, Фокус неодамна пишуваше дека Мијалкови преку Бест Веј Инвестмент ја формирале компанијата за приредување на игри на среќа Макс Бет заедно со српскиот бизнисмен Саша Марчета, додека Бес Веј Инвестент станала дел и од Дивелоп Груп, која го поседува хотелот Мериот во центарот на Скопје, како и и неколку атрактивни градежни плацови на охридското крајбрежје.