Мигрантката Нора и полицаецот Боби повторно заедно: Ние повторно се сакаме, ние секогаш ќе се сакаме!

by fokus

Минатата година веста дека завршила љубовта помеѓу мигрантката Нора од Ирак и граничниот полицаец и актер во хумористична емисија, Боби Додевски од Куманово, и таа се вратила во Ирак, беше дочекана со неверување од оние кои ја следеа романтичната приказна на двајцата млади, кои станаа популарни во целиот регион.

Тогаш во изјава за ,,Фокус” и двајцата потврдија дека ставиле крај на бракот и како Нора се вратила назад, во родната земја, што предизвика голем број на реакции и прашања од типот – Зошто заврши приказната во која се славеше искрената љубов која разбуди многу емоции кај народот?

-Со Нора не сме заедно веќе една година. Таа се врати во Ирак. Толку, само причините и останатото остануваат така како што се – ни изјави тогаш Боби.

Нора пак, во телефонски разговор ни кажа дека и покрај се, таа сe уште го сака Боби и верува дека иако не е повеќе во Македонија, нивната приказна еден ден ќе продолжи.

Имено, во многу интервјуа за регионални медиуми парот раскажуваше како љубовта секогаш победува и како Нора ја сменила религијата во име на таа љубов, и покрај противењето на нејзините родители. На социјалните мрежи пристигаа пораки со поддршка за храбриот пар од сите страни на светот.

За Боби и Нора (чие вистинско име е Нура) се пишуваше многу. Медиуми од целиот регион се интересираа за нив, за тоа како се запознале, како се вљубиле, како се справиле со сите предизвици, со оглед на тоа што потекнуваат од две сосема различни средини и култури. Како што раскажуваше младата Нора, Ирак го напуштила со семејството бидејќи ИСИС го зел нејзиниот татко и морале да платат многу пари за да биде ослободен. Исплашени од состојбата во нивната земја, тие се упатиле кон Германија. Но, судбината вмешала прсти и Нора не успеа да стигне до саканата дестинација со нејзиното семејство.

Во транзитниот центар Табановце го запознала Боби, во кого за кратко време се вљубила. Семејството на Нора продолжило кон Германија, а таа и покрај нивното противење остана во Куманово. Набргу потоа се случи и свадбената веселба, која ја пренесоа многу новинарски екипи. Се објавуваа видеа од свадбата и се ширеше пораката дека љубовта не познава граници. И кога во 2017 година, во месец јуни тие добија син, наместо очекуваната среќа по сите надминати предизвици, веста за нивната разделба ја изненади јавноста. Се редеа претпоставки за можната причина, според некои тоа бил притисокот поради различностите, според други стресот поради лошата здравствена состојба на нивниот син, но парот одби јавно да раскаже зошто се решиле на таков чекор.

Но, за тоа дека љубовта е посилна од се и не познава граници и пречки, доволно раскажуваат фотографиите кои двајцата ги објавија на своите социјални профили деновиве.

Тие потврдија дека повторно се заедно, во брак, и како љубовта победила.

-Ние повторно се сакаме, ние засекогаш ќе се сакаме – напиша Нора под заедничките фотографии, на што нивни пријатели од Куманово и одговорија – Па вие никогаш и не престанавте да се сакате.

Вики Клинчарова

Поврзани новости