Метларка ја искрши фонтаната од 2,5 милиони евра во Скопје!

by fokus

Машина за чистење, позната како метларка, ја искрши фонтаната на Плоштад Македонија во Скопје, откако додека чистела, пропаднала во огромна дупка.
Од град Скопје го потврдија настанот за ,,Фокус” и велат дека се работи на санирање на штетата.

Веста за пропаднатата метларка и не привлече големо внимание, бидејќи граѓаните на некој начин, свикнаа на вакви случки. Како мало потсетување, сличен настан имаше и во јуни 2017 година, кога камион ФАП, од минатиот век, кој единствено може да се купи како половен по цена од 2.000 евра, бидејќи не се произведува повеќе, ја искрши фонтаната со вредност од 2,5 милиони евра.

Како мало потсетување, фонтаната беше пуштена во употреба пред околу пет години. Проектот чинеше околу 150 милиони денари од кои една третина вложи Градот, а останатите Владата. Фонтаната ја изгради Трансмет на Сеад Кочан. Таа е со правоаголна форма и димензии 20 на 10 метри и има 128 прскалки. Нејзината површина е изработена од гранитни плочи со димензии 60 на 60 сантиметри со дебелина од 10 сантиметри.

На плочите од фонтаната се поставени ЛЕД светилки со отвори за вградување млазник. Фонтаната ја сочинуваат 128 млазници со 128 светилки. Визуелниот ефект на фонтаната се постигнува со игра на млазевите, а навечер и со игра на светлата.

Набргу по пропаѓањето во фонтаната во 2017 година, камионот беше отстранет, а дупките покриени со плочи, по што следеше санирање на штетата.
Уште во времето кога беше најавена изградбата на таканаречената сува фонтана, СДСМ обвини дека тогашната власт и градоначалникот на Скопје напразно трошат средства од фонтана до фонтана, наместо да ги искористат за енергетски ефикасни фасади и да ја потврдат определбата Скопје да биде енергетски ефикасен град.

Во целиот случај единствено добро е што нема повредени.

Вики Клинчарова

Поврзани новости