Мерката 1.18 е топ тема во Тиквешко: Многу лозари останаа без субвенциите од два денари!

by fokus

Од први декември, па се до утре, 25-ти декември трае поднесувањето на барања од страна на земјоделците за произведено и предадено винско грозје во регистрирани капацитети за производство на вино, со цел да добијат финансиска поддршка од два денари за килограм предадено грозје од сортите Смедеревка, Вранец, Бургундец црн, Станушина, Кртошија, Жилавка и Кадарка.

Мерката која е воведена со цел да се намалат загубите на производителите на винско грозје, сепак не ги опфаќа сите лозари, па голем дел од нив се пожалија дека нема да ги добијат овие дополнителни два денари на кои се надевале.

-Во подрачната единица, каде секоја година аплицираме за субвенции, ни беше даден краток одговор, дека не ни следуваат. На прашањето зошто, операторите само ни кажуваат дека на оние кои се корисници на подмерката 1.18 не им следува оваа помош, а ние не ни знаеме што точно значи оваа мерка, и како некои лозари ќе добијат, а некои нема да ја добијат помошта – велат лозари од тиквешкиот крај.

Некои од нив дури и се пожалиле кај фирмите кои откупуваат грозје, а кои им ги издале потврдите потребни при аплицирање, уверени дека неправедно им се кратат овие средства.

-Доаѓаат кај мене, разочарани, бараат одговори, не знаат каква е таа фамозна 1.18 мерка, се чувствуваат изиграно. Овде зборуваме за луѓе, земјоделци, кои се надеваа на ветената помош од државата, и кога првично им беше кажано дека ќе добијат по четири денари за килограм предадено грозје, тие не беа јасно информирани дека помошта не се однесува на сите кои ќе предадат грозје од наведените сорти. Покрај ковид кризата, и оваа неможност да ги добијат овие средства дополнително им ја влошува состојбата на лозарите. Дури ниту јас, како откупувач, немав детали за ова – појаснува сопственик на фирма која секоја година врши откуп на грозје во Тиквешко.

Со цел да информираме за што точно станува збор и каква е таа мерка 1.18 за која деновиве наголемо се зборува во лозарските кругови, стапивме во контакт со Министерството за земјоделство, водостопанство и сточарство.
Од таму појаснуваат дека оние земјоделци кои според мерката 1.18 добиваат поголеми средства од претходните години, не можат да аплицираат за останатите мерки.

-Во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството во 2020 година мерката 1.18 претставува мерка за мали земјоделски стопанства и истата е со цел малите земјоделски стопанства да добијат поголеми финансиски средства од претходните години. Но, сакаме да напоменеме дека услов е дека не може да аплицираат за останатите мерки. Од тука е проблемот којшто е појавен кај повеќе лозари, истите аплицирале за оваа мерка и сега не може да аплицираат за мерката по килограм – појаснуваат од таму.

Според тврдењата на повеќе лозари, тие воопшто не биле запознати со овој податок, ниту пак аплицирале за мерката 1.18. Велат дека операторите кои им ги потполнувале барањата, без воопшто да ги прашаат, најверојатно под претпоставка дека лозарите ќе се сложат да земат поголеми средства, без дополнителни прашања, во барањата аплицирале за оваа мерка.

-Многу од лозарите не аплицираат по електронски пат, туку директно во подрачните единици, каде вработените им ги потполнуваат барањата, а тие на крај само потпишуваат. За оваа мерка не ни беше спомнато, и не ни знаеме дека поради неа сега остануваме без дополнителната поддршка од два денари за килограм предадено грозје, бидејќи никој не не праша – велат тие.

За да биде појасно, лозарите кои добиваат субвенција од 4.000 денари по декар лозов насад, а кои аплицирале за мерката 1.18, или како што некои тврдат, дека операторите аплицирале за мерката без да ги прашаат, не можат да ги добијат овие дополнителни два денари за килограм, но затоа пак, наместо 4.000 денари по декар, ќе добијат поголема сума.

Така на пример, ако во минатото добивале субвенции од 17.000 денари за површина, со мерката 1.18 таа сума изнесува 20.000 денари. Или пак, ако добивале 35.000 денари, ќе добијат 40.000 денари.
-Сега, наместо со субвенциите од два денари да добиеме сума од 12.000 денари, ќе добиеме сума од 4.000 денари според мерката 1.18. Многу слични случаи има, за различни суми се работи, и дали поради неажурност на операторите кои не не информирале за што се работи, или пак со нивна добра намера, за да добиваме поголема субвенција по декар, останавме пократки за овие средства – појаснуваат лозарите.

И пратеникот Златко Пенков од редовите на ВМРО ДПМНЕ реагира поради оваа мерка, за која смета дека има катастрофални последици за лозарите.

-Погрешно димензионирана мерка, со катастрофални последици за дел од лозарите. Селективност, поради фактот што дел од лозарите немаат право да аплицираат за дополнителните мерки, во овој случај два денари по килограм произведено и предадено грозје.
Министерството да ја исправи својата грешка и да дозволи сите лозари да можат да аплицираат и да добијат дополнителни два денари. Исто така, мерката да се преиспита, за наредната година да не се случи повторно истото сценарио – вели Пенков.

Според првичните најави на Владата, кога лозарите се жалеа на ниски откупни цени и проблеми со откупот, им беа ветени четири денари помош. Два денари за кои сега се аплицира и уште два денари за килограм како Ковид мерка, за кои винарските визби ги испраќаат барањата, и лозарите не треба да одат во подрачните единици и да поднесуваат барања.

Од министерството велат дека оваа мерка останува за сите, без разлика дали аплицирале и за мерката 1.18, и овие дополнителни два денари кои се Ковид мерка ќе ги добијат сите кои предале грозје и исполнуваат услови.
Сепак, останува незадоволството кај оние лозари кои наместо очекуваните четири, ќе добијат само два денари државна помош, а се почести се најавите дека поради проблемите со ниската откупна цена кои се присутни со децении, не им преостанува друго, туку да ги ископачат лозјата и да се ориентираат кон производство на други култури.

-Да се најде трајно решение во полза на сите страни, а не да чекаме субвенции, кои се само привремен спас за земјоделците, порачаа тие.

Вики Клинчарова

Поврзани новости