Мери Попова, шефицата на нашата евровизиска делегација се правда: Нема спектакуларни резултати оти немале доволно пари на располагање!

by Fokus
Мери Попова, шефица на нашата евровизиска делегација во изминативе шест години, за кои ниту еднаш не влеговме во финале, по вчерашниот неуспех е недостапна за медиумите.

Единствената изјава која ја дала е за МРТ, а во која вели дека не може да се очекува спектакуларен резултат, кога само пиротехничките материјали на некои земји учеснички чинеле повеќе од севкупниот евровизиски проект на Македонија. Околу тоа, колку точно изнесува нашиот буџет, повторно нема ниту збор, па останува единствено јавноста да си прави претпоставки, но и да се вртат шпекулациите со суми од неколку стотици илјади евра.

-Евровизија е проект во кој што навидум правила не постојат. Понекогаш е потребна само песна, многу често влијае и геополитичката положба на земјата, понекогаш е пресуден сценскиот настап за повисок пласман, а многу често визуелната презентација и од корен го менува првобитниот впечаток за песната и тука сме сведоци дека некои песни добиваат на вредност со визуелниот перформанс. Во секој случај, едно нешто е сигурно, за да се биде конкурентен на најгледаниот телевизиски спектакл, којшто секоја година ги надминува светските технолошки остварувања потребни се огромни финансии, а нашиот буџет за реализација на овој проект, иако во македонската јавност често се коментира како огромен, сепак во споредба со останатите држави е меѓу најмалите. Факт е дека изминатите неколку години впечатокот за Македонија на Евровизија е променет во насока на тоа дека нашата земја нуди навистина квалитетни композиции, но сметам дека треба да се вложи многу повеќе во севкупното претставување на Македонија на Евровизија, од аспект на сценски настап, промотивна кампања на песната и маркетинг. Не можеме да очекуваме спектакуларен резултат во услови кога севкупниот евровизиски проект на Македонија, чини помалку дури и од употребените пиротехнички ефекти на некои од земјите учеснички на изборот, но и со оние услови со коишто располагаме секој член од делегацијата се вложи максимално, за да го извлечеме најдоброто од овој проект – изјавила за МРТ Попова.

И во минатото, по секој евровизиски неуспех, таа не беше достапна за медиумите, или пак одговараше на селектирани прашања. Според Бојан Трајковски од групата ,,Ај кју’’, кој исто така единствено бил достапен за МРТ, и покрај тоа што не влеговме во финале, сметал дека песната ,,Lost and found’’ била една од најслушаните.

-Како и самиот превод на нашата песна “Изгубено и најдено” го изгубивме финалето, но најдовме многу нови искуства коишто поради сета укажана доверба од страна на МТВ и македонската јавност, сакаме да ги споделиме со сите вас и останатите идни учесници од Македонија. Покажавме дека со музиката можеме да бидеме конкурентни, бидејќи нашата песна, којашто е комплетно македонски производ, без оглед на тоа што не влезе во финалето беше и сеуште е една од најслушаните годинава – изјавил Трајковски.

Јавноста бурно реагираше на неуспехот на нашите претставници на Евровизија, најмногу поради тоа што веќе со години се повторува истата слика, а тимот кој е одговорен за претставувањето секоја година останува ист. Нема информација дали делегацијата на чело со шефицита Попова ќе си поднесе колективна оставка по враќањето од Португалија, како што се бараше на социјалните мрежи уште лани, или пак и наредната година на истата екипа ќе и биде препуштена евровизиската судбина на Македонија.


Вики Клинчарова

Поврзани новости