Розови балони го обоија небото над Кавадарци денес, како дел од 13-та кампања за борба против рак на дојка, во организација на здружението ,,Борка – за секој нов ден”. Пред присутните граѓани се обрати Мери Парчева, младата жена која во Кавадарци е еден вид на симбол на истрајноста, борбеноста и залагањата да се слушне гласот на борките, на сите оние кои се борат со рак на дојка, но и на нивните блиски, кои се дел од секојдневието на борците со подмолната болест.
-Ќе ти дадам маичка со логото на Борка, ми вели Мери и прашува кој број носам. Големина С, и одговарам, на што таа се подзамислува, па ми вика – Изгледа нема останато С, еве мојата ќе ти ја дадам, ист број носиме. -Со мерак ќе ја носам, и кажувам трогнато, а таа одговара – А јас со мерак ти ја давам, од се срце.
Така течеше разговорот со кавадаречката борка, која денес испрати апел до институциите, заеднички да се борат пациентите со рак на дојка, и да не се дозволи во ек на пандемија да бидат заборавени. За животната битка на Мери знае целиот град. Се соочи со лошата дијагноза, рак на дојка, пред околу 14 години, во време кога нејзиниот син беше десет-месечно бебе. Години поминати во неизвесност, лекување, операции и третмани се зад неа, но како што вели, желбата да се излезе како победник, да се дочека новиот ден и да се ужива во секоја негова секунда, секогаш била водилка за Мери.
Ударите кои болеста и ги задала на Мери, првин рак на дојка, а потоа и тумор на мозокот, ги оставија последиците, па сега таа користи количка за движење, а нејзината желба да помогне, посебно на оние кои минуваат низ истата голгота која го одбележа нејзиниот животен пат, ја води напред. Да се испрати пораката до надлежните институции за потребите на овие лица, да се помогне во изнаоѓањето на начини за олеснување на нивното секојдневие, продолжување на скрининг програмите за рано откривање на ракот, навремени и достапни дијагностички процедури, да нема чекање на терапии, се само дел од залагањата на Парчева, во име на сите борки.
-Јасно ни е дека пандемијата со корона вирусот беше потрес врз светските здравствени системи, а посебно кај лицата кои се борат со карцином. Ние од Борка, максимално им даваме поддршка на институциите, да им помогнат на болните од рак, и мојот апел е дека пациентите заболени од рак не смеат да чекаат и да бидат заборавени поради пандемијата. Навремена терапија, континуираност во дијагностичките процедури, достапност до најсовремените терапии и персонализиран пристап, тоа е она за кое се залагаме и кое го заслужуваме – вели Мери.
Таа додава дека е горда што денес, во 16 градови низ Македонија улиците беа обоени со розова боја, со што се оддава почит на оние кои ја изгубија битката, но и поддршка на сите оние кои моментално минуваат низ тешкиот период, соочени со дијагнозата.
-Заедно, ние можеме да ја намалиме смртноста од ракот на дојка, и мора да се преземе акција во однос на третманот и раната дијагностика, бидејќи раното откривање спасува живот и е клучно за успешното лекување. Да не се чека на термини, а новите терапии кои не се на позитивната листа, а се достапни на наши пациенти, да бидат ставени на листата. Терапијата го продолжува животот, а секој ден е важен – изјави Парчева.
Таа се заблагодари за поддршката на Општина Кавадарци, на градоначалникот Митко Јанчев, на Кожувчанка, како и на сите волонтери кои се вклучија во настанот.
Вики Клинчарова