Менаџерката на Проески последен пат излезе во јавност пред две години: Не очекував прашање за Тоше!

by Fokus

Вчерашниот ден помина во знак на сеќавање на легандарниот музичар Тоше Проески, со низа на ТВ емисии посветени на него и неговото дело, а по повод неговиот роденден. Да беше жив, Проески ќе наполнеше 43 години, а печатот кој го остави зад себе се уште е свеж.

Како подарок за неговите обожаватели беше промовирана неговата песна ,,Кажу да време лечи све”, за која демото било снимено во 2004 година, во повеќе емисии гостуваа негови блиски пријатели и соработници, кои споделуваа заеднички искуства и спомени со пејачот.

Кога станува збор за Тоше, долги години неизоставен дел од неговиот живот беше и неговата менаџерка Лилјана Петровиќ, која по трагедијата се повлече од јавниот живот и се врати во родната Србија.

Нејзиното последно јавно појавување се случи пред две години, кога гостуваше во српската ТВ емисија ,,Јутро”.

Пред јавноста таа ја претстави својата плантажа со лаванда во Бела Паланка, и на прашањето на водителот дали некогаш сонувала дека ќе одгледува лаванда, одговори дека ни на сон не можела да го замисли тоа, но се случило спонтано.

-Плантажата е околу 200 хектари. Нешто наследив од дедо ми, нешто купив заедно со моите соработници. Лавандата оди во дестилерија, и од неа се добиваат етерични масла-појаснуваше Петровиќ.

На крајот на разговорот, водителот и рече дека мора да ја праша, бидејќи беше менаџерка на покојниот Тоше Проески, дека целата плантажа се направила после трагедијата, па дали успеала таму да го пронајде мирот.

-Не го очекував ова прашање… Но, не, мир не можеш да најдеш никогаш. Само ќе научиш да се носиш со тоа, и тоа е се- одговори Петровиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости