Откако претседателот Стево Пендаровски го демантираше пратеникот и лидер на Демократското движење Изет Меџити дека власта преговарала за амнестија на поранешниот премиер Никола Груевски во претседателската вила на Водно на 9 Мај – Денот на Европа, Меџити го повтори истото тврдење, но се поправи дека настанот се случил на 1 Април – Денот на НАТО.
–На денот на НАТО високи експоненти на ДУИ бараа и го молеа претседателот по секоја цена да го врати Груевски доколку сака земјата да има перспектива – изјави Меџити синоќа во гостување на ТВ 21, додавајќи дека оваа власт е во спој со Груевски, но не, како што рече, за интеграции и за стратешки прашања, туку да ги затворат кривичните дела.
Според него, јавна тајна е дека одамна има соработка меѓу ДУИ и Груевски. Во таа насока, тој праша зошто после правосилната пресуда во случајот „Тенк“ Груевски избегал во Бидумпешта преку Албанија и кој му помогнал да ја изведе оваа операција?
–Зошто Груевски наместо од Македонија, преку Србија да стигнеше во Унгарија, отиде преку Албанија? Само го отворам ова како дебата. Другата дилема е зошто Сашо Мијалков е баш во затворот со кој управува ДУИ? Трето, ДУИ никогаш не била вклучена во казина, брзи кредити, во некои сегменти на енергетиката, значи очигледно е кој е менторот на ова раководство на ДУИ – рече Меџити.
Претходно, тој изјави дека не е точно дека опозицијата и структури блиски до опозицијата барале амнестија на Груевски, како што тврдеше Пендаровски. Туку, според Меџити, тоа го барала власта.
–Не е точно дека некој од опозицијата побарал од Пендаровски да го помилува Груевски, тоа го направиле владејачките партии. Не треба многу тоа да го потврди претседателот на државата. Беше на Денот на Европа во неговиот кабинет. Така што не зборуваме на памет – рече Меџити на ТВ Клан.
Во кабинетот на Пендаровски се преговарало за амнестија на Груевски на 9-ти мај?
Во однос на оваа изјава реагираше Пендаровски, истакнувајќи на 9 мај единствен гостин на Водно му бил лидерот на Алтернатива Африм Гаши, со кого, како што рече, сигурно не разговарал за помилување на Груевски.
-Проверувам во календарот кај мене. Освен стандарден работен состанок со моите вработени, точно во 12 часот на 9-ти мај кај мене во кабинетот бил само Африм Гаши. И се разбира дека не сме разговарале за помилувањето на Груевски – рече Пендаровски од Њујорк во интервју за МРТВ.
На Денот на Европа не се правела „крчмата“ за Груевски, само Гаши му бил гостин на Пендаровски!
Сега, Меџити вели дека се одвивала истата дискусија, но нецел месец подоцна, при што нагласува дека амнестијата ја барале „високи експоненти на ДУИ“, без да го спомене СДСМ. Во однос на тоа, деновиве говореше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој ги посочи лидерот на ДУИ Али Ахмети и неговата десна рака Артан Груби дека била на средба во Водно.
–На средба кај Пендаровски за амнестија на Груевски биле од власта, повеќе луѓе од власта на заеднички состанок на кој бил Груби и неговиот претседател (Ахмети) – рече Николоски на ТВ Клан, нагласувајќи дека откако се отвориле картите во јавност веќе Груевски нема што да испорача околу уставните измени.
Откако Христијан Мицкоски јавно го обвини претходникот Груевски дека е во тајна комуникација со власта за уставните измени со цел амнестија, тој ги негираше таквите обвинувања. Притоа, тој на Фејсбук напиша дека разбрал оти „крунскиот доказ“ на Мицкоски против него бил „некој наводен стенограм од средба на власта кај Пендаровски“, каде, според него, си правеле „крчма без крчмар“.
„Не знам дали копијата од тој документ е реална, односно дека не е фалсификувана и подметната, но дури и да не е, некој треба да му каже на Мицкоски дека ако јас сакав да се пазарам имав неколку прилики уште додека бев во Скопје, но ги одбив. Таа дискусија ако постоела можно е да е мотивирана од фактот што раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а пред се Мицкоски, во многу наврати јавно говори дека ако тој станел премиер ќе ме апсел“, напиша тој.
Влатко Стојановски