Во кабинетот на Пендаровски се преговарало за амнестија на Груевски на 9-ти мај?

Албанската опозиција вели дека амнестија за Груевски од Пендаровски барала власта. Во таа насока, Меџити тврди дека тоа се случило на Денот на победата над фашизмот, а Касами посочува дека токму затоа ВМРО-ДПМНЕ била против измените на Кривичниот законик. Претходно, Гаши изјави дека владина делегација била во Будимпешта...

by Фокус

Во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски се преговарало за амнестија на поранешниот премиер Никола Груевски на 9-ти мај – Денот кога се слави победата над фашизмот и Денот на Европа, тврди поранешниот потпретседател на ДУИ и градоначалник на Чаир Изет Меџити, кој по разидувањето со „интегративците“ формираше нова партија – Демократско движење.

Не е точно дека некој од опозицијата побарал од Пендаровски да го помилува Груевски, тоа го направиле владејачките партии. Не треба многу тоа да го потврди претседателот на државата. Беше на Денот на Европа во неговиот кабинет. Така што не зборуваме на памет – рече Меџити во синоќешното гостување на ТВ Клан.

Откако „Фокус“ објави дека Пендаровски бил убедуван да го помилува Груевски, шефот на државата јавно ја потврди оваа информација, појаснувајќи дека за ваква можност бил консултиран пред 7-8 месеци на неформално ниво од „некои актери на политичката сцена“.

На едно неформално ниво пред 7-8 месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност (помилување на Груевски), што мислам за таа можност, и реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава – рече тој во Трилинг.

Пендаровски потврди дека бил консултиран за помилување на Груевски: Не би го направил тоа никогаш!

Потоа, опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара од него да открие кој барал амнестија, по што шефот на државата рече дека политички и безбедносни структури блиски до опозицијата преку посредници му упатиле „предлози да размисли за помилување на одредени политичари или да поддржи закон за амнестија на актуелни или поранешни политичари“.

Кон тоа се надоврза ДУИ преку вицепремиерот Артан Груби, шеф на кабинет на партискиот лидер Али Ахмети, кој изјави дека Пендаровски ги информирал оти вмровски структури кои не се задоволни од актуелното раководство на чело со Христијан Мицкоски побарале амнестија за Груевски.

Претседателот на државата Пендаровски на еден од претходните состаноци, на кои што ги разгледувавме сите можности за да го продолжиме интеграцискиот пат на нашата земја, како и успешната реализација на уставните измени, не информираше дека високи експоненти од раководството на ВМРО-ДПМНЕ му имаат испратено пораки и барања, да ја разгледа можноста да го амнестира Груевски – рече Груби.

Меѓутоа, албанската опозиција останува на тврдењата дека амнестија за Груевски барала власта, а најмногу, според нив, ДУИ. Според Африм Гаши, прв човек на Алтернатива, токму Пендаровски дал одговор на неговото прашање – дали Ахмети барал амнестија на Груевски?

На нашето прво јавно прашање – дали Ахмети ги молеше, до небо, некои од меѓународната заедница, на средба во Скопје, да дозволат амнестија за Груевски, одговори Пендаровски. Ви благодариме Претседателе што ја потврдивте нашата информацијата“, напиша Гаши на Фејсбук, кој тврди дека за таа цел владина делегација и високи преставници на Министерството за правда биле во Будимпешта.

Гаши смета оти Пендаровски потврдил дека Ахмети барал амнестија на Груевски!

Во меѓувреме, и лидерот на Беса Биљал Касами истакна измените на Кривичниот законик се прават со цел амнестија на Груевски. Како што рече тој вчера во интервјуто за Алсат М, токму затоа на овие измени се спротивставило ВМРО-ДПМНЕ.

Овде важи народната – не прашувај, ќе ти каже. Али Ахмети во рок од 1 минута го покажа сценариото за амнестија. Тој покажа дека има таен договор меѓу ДУИ, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и во моментот кога Груевски побегна во Унгарија – рече Касами, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласило со измените на КЗ од причина што тие се прават токму заради Груевски.

Тој, пак, вчера на фејсбук напиша дека од никого не побарал да бара амнестија за него кај Пендаровски и воедно го повика претседателот да соопшти јавно кој му барал амнестија. Ако тоа се случи и ако тоа воопшто било така, според него, потоа споменатите лица треба јавно да кажат дали е тоа точно, и доколку е точно – кој од нив побарал да бараат амнестија за него?

„Она што сигурно го знам е дека се додека траат политичките прогони во Македонија кон мене и кон другите, Македонија нема да има напредок. Знам дека ретко кој го сфати тоа сериозно, но таа лоша карма не се отстрани. Не може оние кои еден дел од животот, толку многу години, целосно го посветиле и искрено работеле за доброто на земјата и на сите во неа, потоа да бидат неправедно прогонувани“, напиша Груевски.

Во интервјуто на „360 Степени“, Ахмети со внимателно избрани зборови говореше за поранешниот коалициски партнер. Тој уверува дека измените на Кривичниот законик немаат врска со Груевски и негово враќање во земјава, како што обвинува албанската опозиција, туку со реформа на правосудството. Патем, ги обвини медиумите за негативната перцепција за Груевски.

Албанците не го сакаа Груевски зашто се создаде таква медиумска атмосфера во минатото. Ако еден човек се напаѓа медиумски секој ден, така се создава перцепција. Но, Груевски беше премиер на оваа држава 10 години, тој бил премиер и на Албанците, да не бидеме егоисти, да бидеме рационални, зашто како прво сме луѓе. Сега да шириш омраза… – рече Ахмети, додавајќи дека СДСМ преку медиумите ја создал негативната перцепција за Груевски.

Ахмети го брани Груевски и го штеди Заев, тие го демантираат за тајните средби за КЗ!

Инаку, последниот број на неделникот „Фокус“ пишува дека уште пред да поминат измените на КЗ, функционери на ДУИ брифираа дека Ахмети ги уверувал оти води сериозни преговори со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, како и дека работи на враќање на Груевски, при што се споменува Врховниот суд.

Ахмети тврдел дека има план за Груевски – ќе помогне од далечина или ќе се врати во земјава?

Влатко Стојановски

Поврзани новости