Меџити: КАТО системот за контрола на терапијата на Онкологија не е фрлен, ниту е во подрум, разгледуваме дали тој или нов систем ќе се стави во функција

by Fokus

КАТО системот за дозирање и контрола на терапијата која се дава на пациентите кои се лекуваат на Клиниката за онкологија  не е фрлен и не е во подрум, изјави на денешната прес конференција министерот за здравство Фатмир Меџити/ Тој рече дека овој систем кој не се користи е во просторија во болничката аптека.

-Јавноста да знае КАТО системот не е фрлен ниту е во подрум, туку е во првичната просторија во која е поставен во клиничката аптека и таа соба е заклучена. Неколку месеци пред овој случај да излезе во јавност се правеа финансиски анализи дали КАТО системот да се врати во функција или да се обезбеди нов за контрола на терапијата. Веќе имаме остварено неколку состаноци и со новиот ребаланс на биџетот предвидуваме обезбедување на систем кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина, изјави министерот Меџити.

Тој рече дека утрово имал состанок со директорите на Клиниката за онкологија, а утре ќе се сретне и со стручниот колегиум на Клиниката, кој одредува кој каква терапија ќе прима, според болеста која ја има.  Овој стручен колегиум , како што појасни министерот, работи неколку месеци наназад.

-Со тоа се спречува еднострано одлучување и злоупотреба на терапијата која се дава на пациентите. Освен тоа ќе барам и еднаш месечмно двајцата директори да поднесуваат извештај до мене за работата на Клиниката, изјави Меџити.

Тој рече дека терапијата која ја примаат пациентите на Клиниката за онкологија е сооодветна и ефиканса и повика да не се генерализира и да се напаѓа целиот медицински персонал на Клиниката за онкологија, и дека најголем дел од нив стручно и совесно ја вршат својата работа.

-Нарушување на довербата кај пациентите кои сега се лекуваат на Клиниката е неодговорно и опасно. Да не се шират невистини и да не се шири хајка и омраза, туку да се помогне што побрзо да се разреши случајот. Сторителите на криминал имаат име и презиме, да ги заштитиме докторите и целиот медицински персонал кои со голема грижа и посветеност и досега се грижат за пациентите, изјави Меџити.

 

 

 

Поврзани новости