Матевски нареди да не се хранат и чуваат кучиња во РЕК Битола, од неговата ПР служба велат дека вработените жени се плашеле!

by Fokus

Новоназначениот в.д. директор на РЕК Битола, Пеце Матевски, најстрого им забрани на вработените во подружница РЕК Битола – Новаци да чуваат и хранат бездомни кучиња во кругот на комбинатот и околу него.

Како што е наведено во документот потпишан од него, а кој го објавија активисти за заштита на животните на социјалните мрежи, кон сите работници кои нема да се придржуваат кон оваа наредба, ќе бидат преземени соодветни санкции.

Наредбата потпишана од Матевски датира од 30-ти ноември, односно само по една недела откако тој стапи на функцијата.

-Најстрого се забранува на вработените во подружница РЕК Битола – Новаци да чуваат и хранат кучиња – скитници во кругот на комбинатот и околу него – пишува со големи букви во наредбата, за која здруженијата за заштита на животните во земјава бараат одговор дали е веродостојна, во време кога интензивно се работи на подигање на јавната свест за добросостојба на животните и се апелира за нивни хуман третман.

Дали навистина се работи за веродостоен документ, или пак станува збор за фотомонтажа, се обидовме да добиеме одговор од директорот, кој не упати во тек на утрешниот ден да се обратиме до лицето за контакт со медиуми, Менде Куновски.

Сепак, поради бројните негативни реакции и критики на сметка на управата на РЕК Битола поради наредбата со која се забранува чување и хранење на кучиња околу комбинатот, ,,Фокус” телефонски се обрати до Куновски денес.

-Не ми се верува дека поради ова ме барате сега, во 19:40 минути, зар ова не може да чека до утре? – беше неговата првата реакција.

-Не ги следам реакциите на социјалните мрежи, ако се реагира за нешто во врска со комбинатот, тоа би требало да е околу снабдувањето со електрична енергија. Но, кога сме веќе кај кучињата скитници, јавноста да знае дека тука се работи за голем простор од околу 24 хектари, на кој се собираат цели глутници. Се плашат вработените, имаме жени кои работат овде и им се јавуваат на своите сопрузи да ги пречекаат, бидејќи не се чувствуваат безбедно поради кучињата. Има секакви случки, и напади – раскажа тој во телефонскиот разговор.

Сепак на прашањето колку точно напади евентуално се случиле и дали досега има пријавено и регистрирано напад кај надлежните институции, тој одговара дека нема официјални податоци за пријави.

Како потсетување, Матевски се најде во центарот на вниманието кога пред околу две недели од функцијата директор на Термоелектрана беше назначен за в.д. директор на РЕК Битола, и дел од јавноста прашуваше дали тој го има потребното искуство да раководи со најголемиот производствен капацитет на електрична енергија, со оглед на тоа што поголемиот дел од животот настапувал како хармоникаш во локали и на семејни веселби. Сепак, во неговата биографија е наведено дека е дипломиран машински инженер, кој магистрирал менаџмент на човечки ресурси во 2016 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости