Маричиќ: Пресудата за 27 април треба да го осуети насилството

by Фокус

Имаме Антикорупциска комисија која отвора случаи неселективно и е подобра од она што била до пред неколку години, претходно не ги знаевме ни имињата на членовите коишто работат таму, а не пак што работат, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ на МТВ. Тој потенцираше дека Владата работи со ДКСК за тие да ги имаат сите услови за работа, без, како што рече, мешање на извршната власт.

-ГРЕКО препознава дека Владата вложила напори – и финансиски и политички и институционални за да се воспостави систем за борба против корупција. Од 23 препораки кои треба да се исполнат, 13 се имплементирани, а останатите 10 се во тек – рече Маричиќ.

Тој се осврна и на случувањата од 27 април во Собранието, истакнувајќи дека пресудата треба да го осуети насилството како легитимно политичко средство.

-Сите граѓани сведочеа дека настаните од пред четири години беа терористичко уривање на поредокот. Не смееме да заборавиме што се случи на 27 април – кога организирана група на луѓе упаднаа во Парламентот и се обиде да спречи избор на претседател на Собрание и тоа заврши со крвав напад врз дел од пратениците – истакна министерот за правда.

Тој упати критики кон опозицијата и за користењето на стратегијата на блокирање на работата на Собранието.

-Ако сакаме да одиме напред, да ги усогласиме законите со ЕУ, да носиме добри одлуки во овие кризни времиња, потребно е да се намалат тензиите и да се воспостави дијалог, а опозицијата да се откаже од блокирањето како политичка стратегија – изјави министерот за правда.

Поврзани новости