Манијак плаши деца и жени во Неготино: Го бркаат или бегаат, но не го пријавуваат!

by Фокус

Веќе неколку месеци наназад, голем број на неготинчанки тврдат дека имале блиска средба со манијак, кој ноќе, но и во тек на ден им излегувал и ги плашел, во центарот на градот, во близина на градската библиотека. Сите го опишуваат како младо момче на околу дваесет и пет години, не многу висок, со темна коса. Понекогаш одел пеш, а понекогаш бил со велосипед.

Се случувало да им се појави среде ноќ, додека се враќале дома, ги гледал право во очи и молчел. Кога ќе го забрзале чекорот, тој тргнувал по нив и ги следел молчејќи. Ако на пример влезеле во некоја продавница, се затскривал, а кога ќе излезеле, повторно се појавувал во нивна близина.

Денес во градот се создаде паника, откако на социјалните мрежи жители во зградите покрај библиотеката алармираа да се внимава на децата, бидејќи вчера во тек на ден, околу 14 часот им излегол со велосипедот и ги исплашил, а една повозрасна жена започнала да го брка, по што тој побегнал.

Граѓани коментираат дека ова не е ништо ново и дека за човекот којшто оди по жените и децата веќе знаат. Многу жени коишто живеат во близина на местото каде бил забележан манијакот раскажуваат за средбата со него.

-Со пријателката речиси секоја вечер пешачиме. Минатата недела го заблежавме човекот како не следи. Ако ние запревме, и тој запираше. Немо не гледаше во очи и само стоеше. Свртевме во друга улица, но тој дојде по нас. Започнавме да трчаме, трчаше и тој. Не фати паника, пријателката му се јави на сопругот, а манијакот кога слушна дека бараме помош, побегна. И на мојата сосетка и се случило истото, и таа го опиша исто. Не пријавивме во полиција, бидејќи не сакавме драма, а тој и без тоа веќе побегна – раскажуваат жените чиј идентитет е познат на нашата редакција.

И деца-тинејџери кои се дружат пред зградите, во неколку наврати им се пожалиле на родителите за човекот кој ги стои и немо ги гледа додека играаат, па дури и ги следи низ улиците. Велат дека дури и да е безопасен, непријатно е некој да те гледа и да те оди по тебе.

-Истиот човек се моткаше низ градот пред неколку години, и тогаш следеше сами жени по улиците и ги плашеше со своето однесување. Го снема еден период, еве сега овие месеци повторно е во градот. Очигледно не му е важно дали е ден или ноќ, и најчесто се движи во истиот дел на градот, околу зградите кај библиотеката и темните улички околу нив – вели неготинчанка која сакаше да остане анонимна.

Сепак, и покрај сите реакции, досега, барем во изминатите месеци, никој не го пријавил случајот во полција. Граѓаните со кои разговараме велат дека не сакаат да губат време во објаснувања, бидејќи освен стравот, не им се случило ништо конкретно, како на пример физички напад. Нивна претпоставка е дека лицето не напаѓа, туку само ги плаши жените и децата, барем од досегашното искуство.

-Досега, во изминатите неколку месеци, не сме добиле пријава за манијак во тој дел на градот. Нашите екипи не можат да излезат на терен и да проверат за што станува збор, без да добијат официјална реакција од граѓаните. Апелираме, доколку некој има средба со сомнителното лице, да го пријави случајот во полиција, по што ќе може да се излезе на терен и да се истражи случајот – ни изјави Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

Вики Клинчарова

Поврзани новости