Манчевски: Институциите кои нема да го избројат бројот на вработени нема да добијат плата

by fokus

Сите они институции и нивните раководни лица коишто нема да ги внесат податоците за своите вработени во информатичкиот систем за управување со човечките ресурси нема да земат плата, вели министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

-Дел од институциите ги имаат внесено и коректно ги ажурираат податоците, тоа е жива материја, влегува, излегува, менува телефон, меил итн. Дел ги имаат внесено делумно информациите, односно не ги ажурираат, дел ги внеле само систематизациите, без никаква информација за луѓето, а дел немаат ништо направено. Да бидам искрен, во изминатиот период се обидовме на неколку начини, со укажување, со одлуки и информации на влада, инспекциските служби се ангажираат на оваа тема и се подобри состојбата. Но ние сè уште не сме сигурни дали со извештајот за минатата година што треба да го објавиме во март ќе можеме да кажеме дека бројката што ќе ја објавиме целосно ќе доаѓа од системот или повторно ќе биде добиена преку споредби на бази на податоци, со што бројката што се добива е приближно точно, но не е целосно точна. За таа цел ќе спроведеме, преку неколку одлуки на владата, ќе направиме ред и системски и технички измени внатре во одредени системи на институциите, но и со ред на правилници и уредби на влада со коишто сите они институции и нивните раководни лица коишто нема да ги внесат податоците за своите вработени во информатичкиот систем за управување со човечките ресурси нема да земат плата. Едноставно мора да се научат институциите во државата дека мора да ги почитуваат законите, без притоа премиерот да треба да ги брка за тоа, вели Манчевски.

Поврзани новости