Манчевски бара кривична одговорност од раководството на Агенција за филм и Друштвото на филмски работници

by fokus

Продуцентската куќа на македонскиот режисер Милчо Манчевски, „Банана филм“ поднесе кривични пријави против финансискиот советник на Агенцијата за филм, Бранко Петровски, против претседателот на Управниот одбор Игор Шокаровски и против членката на Управниот одбор, правникот Снежана Станковиќ. 

Петровски се обвинува за злоупотреба на службена положба која произлегува од конфликт на интереси. Станковиќ и Шокаровски се теретат за донесување одлуки на Управниот одбор на Агенцијата за филм кои се противзаконски.

Од продукцијата велат дека поради индиции изнесени во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, „Банана филм“ побара и од Финансиска полиција да изврши увид во работата на Друштвото на филмски работници (ДФРМ).

Увид побаравме и во шест фирми во директна и индиректна сопственост (преку нивните семејства) на претседателот на Друштвото Игор Иванов-Изи од династијата Иванови и секретарот на друштвото Томислав Салковски, како и на нивните политичките заштитници, велат од „Банана филм“.

Продукцијата достави барање и до Комисијата за заштита на конкуренција да ја испита недозволената државна помош од Агенцијата за филм до ДФРМ, која веќе беше констатираната во извештајот на Министерството за култура од 2020, но и во новиот извештај на ДЗР, со барање таа да се укине и да се вратат досега противзаконски доделените 120.000 евра од државна каса до ДФРМ.

Сите опфатени во кривичната пријава, според „Банана филм“ остварувале противправна лична корист од своите незаконски постапки.

Објаснуваат дека сознанијата врз кои се базираат кривичните пријави произлегуваат од наодите на Државниот завод за ревизија (ДЗР), Антикорупциска комисија (ДКСК), извештаи и инспекции при Министерството за култура и Транспаренси интернешнл.

Поднесени се и две тужби против Агенцијата за филм поради нанесување штета на оваа продуцентска куќа.

„Банана филм“ ги повикува Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, вицеприемерката за борба против корупција Славица Грковска, вицепремиерот Артан Груби и премиерот Ковачевски да го казнат криминалот во редовите на владејачката коалиција и на институциите кои таа ги контролира, како што е Агенцијата за филм.
Ја поздравуваме акцијата на американскиот Стејт департмент и во тој дух ги повикуваме и засегнатите страни од меѓународната заедница кои досега предупредуваа за корупцијата во Македонија да се посветат на овој конкретен случај затоа што зад него се кријат многу незаконити работи“, велат од продукцијата.

Од „Банана филм“ заклучуваат: „После бројни укажувања, решивме да поднесеме кривични пријави базирани врз наодите на државните институции и на невладините организации затоа што – и покрај сè – УШТЕ ВЕРУВАМЕ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ. Алтернативата е хаос, беззаконие, апатија и капитулација пред семејни и партиски врски.“

Поврзани новости