Максим Димитриевски се уште не е формално исклучен од СДСМ

by fokus 20:35
20:35

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за којшто беше објавено дека е исклучен од СДСМ откако објави дека независно ќе се кандидира за градоначалник на Куманово се уште не е правосилно исклучен од партијата.

За статусот на Димитриевски во СДСМ одлука носат надлежни органи во рамки на партијата. Кога ќе бидат донесени, ќе соопштиме, велат од СДСМ, на прашањето на Фокус каков е сега статусот на Димитриевски во партијата со оглед на тоа што по неговата кандидатура беше објавено дека тој се самоисклучил од партијата, а потоа најавуваа дека одлуката за негово исклучување формално ќе ја донесе Централниот одбор.

Ставот на Димитриевски беше дека оваа одлука треба да ја донесат партиските органи и дека тој формално-правно се уште е член на СДСМ.

Од партијата објаснуваат дека процедурата за исклучување ја почнува општинската организација, а потоа таа треба да биде финализирана од страна на Централниот одбор. Оваа последна фаза од процедурата се уште не е завршена, односно ЦО се уште не одлучил дали Димитриевски ќе биде исклучен или не.

Последните изјави кои дојдоа од СДСМ беа дека партијата ќе се обиде да го врати Димитриевски во своите редови.

Сепак одлука за негово формално исклучување нема, па нејасно е дали Димитриевски може да биде кандидат за претседател на СДСМ, со оглед на тоашто ставот на партијата беше дека го прекршил Статутот со тоа што настапил како кандидат надвор од рамки на партијата.

Димитриевски во изјава за Фокус вели дека нема намера да се самокандидира. Не ја исклучува можноста да биде кандидат ако членството го предложи, но и тој потенцира дека раководството се уште се нема изјаснето за неговиот статус во партијата.

СДСМ ќе го бира новиот претседател на 12 декември откако досегашниот, Зоран Заев ја официјализираше својата оставка.

Кандидат за претседател на СДСМ може да биде секој член кој ги исполнува условите наведени во Статутот и Правилникот за одржување внатрепартиски избори, меѓу коишто стои дека кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ и најмалку еднаш да бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата.

Рокот за кандидатури завршува во петок, а досега има поднесено две. Денеска кандидатура поднесе, членот на Извршниот одбор на партијата и заменик-министер за финансии, Димитар Ковачевски поранешната потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости