По објавувањето на текстот на „Фокус“, дека две недели жителите на скопско Ново село се половично без струја затоа што не функционира една фаза на која се поврзани околу дваесетина куќи, еден супермаркет и една бензиска пумпа, од компанијата Макпетрол реагираат дека на ниеден начин не го спречуваат ЕВН да го отстрани дефектот во трафостаницата лоцирана во скопско Ново село.
„Напротив, по барање за пристап на ЕВН Македонија АД Скопје од 11.6.2018 година, Макпетрол АД Скопје уште истиот ден, го информираше ЕВН Македонија АД Скопје, дека нема да го попречува отстранувањето на дефектот, меѓутоа од причина што на недвижниот имот каде е лоцирана трафостаницата се наоѓаат опасни материи (експлозиви) во сопственост на Р. Македонија, кои се лесно запаливи, на ЕВН Македонија АД му беше укажано дека е неопходно потребно да се обезбеди присуство на овластени државни органи и тоа: Дирекција за заштита и спасување, МВР и противпожарна служба, се со цел да се избегнат несакани штетни последици од пошироки размери, како и воедно да ја извести Владата на Р. Македонија, како сопственик на опасните материи – се наведува во реакцијата од Макепетрол.
Од таму додаваат дека ЕВН Македонија АД Скопје, немаат превземени никакви дејствија за обезбедување на неопходните мерки за безбедност.
„Претпазливоста на Макпетрол АД Скопје се должи на фактот што во минатото, се имаат случено експлозии предизвикани од самозапалување, но благодарение на присуството на гореспоменатите државни органи спречена е поголема штета. Во однос на поднесениот предлог за привремена мерка до Основниот суд Скопје 2 Скопје, ја информираме јавноста дека со Решение 2.ВПП-2 бр.114/18 од 23.04.2018 година, постапката поведена од страна на ЕВН е завршена во корист на Макпетрол, на начин што времената мерка предложена од ЕВН е одбиена како неоснована. Ја повикуваме ЕВН да постапи по укажувањата од наша страна и согласно судската одлука, со цел брзо и безбедно отстранување на дефектот – продолжува понатаму во реакцијата.
По однос на реакцијата од Макпетрол, од ЕВН Електродистрибуција велат дека се уште се чека времената мерка побарана од судот за да може да се отстрани дефектот во Ново село.
„Она што Макпетрол тврди дека е приложено како судска одлука се однесува за некој друг постар предмет. Тоа се гледа од датумот на приложеното, месец април годинава, а не за конкретниот случај од пред неколку дена со трафостаница од која се снабдуваат засегнатите корисници. Судот се нема уште изјаснето. Ваквите постапки само предизвикуваат забуни и не се во интерес на корисниците. ЕВН Електродистрибуција ќе направи се што е предвидено во прописите и законите за да го санира дефектот и го нормализира снабдувањето со електрична енергија, а при тоа ќе се преземат сите мерки на безбедност,“ велат од таму.