Македонците се караат едни со други, дури и кога треба да се сложни браќа и сестри Темплари!

by Фокус

Текстот е објавен на 15 декември 2006-та, во неделникот „Фокус“ број 598.

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Македонските Темплари познати како Воениот витешки ред „Св. Наум Охридски“, по својата промоција во Македонија на 7 октомври 2006-та, кога 10 нови членови станаа витези и дами, веќе два месеци ги разјадува раскол. За организации од ваков тип, кои по правило се многу затворени затоа што наликуваат на тајните ложи на слободните ѕидари – масоните, во јавноста постои интерес поради нивната езотеричност. Сите сакаат да ги откријат имињата на нивните членови, да ѕирнат во ритуалите што ги изведуваат, да го разгатнат богатството со кое располагаат и природата на моќта да управуваат со бизнисот и политиката. Згора на тоа, по формирањето на британската масонска ложа во Македонија, чии членови се бизнисмени – Трифун Костовски, писатели – Венко Андоновски (голем мајстор), банкари – Бранко Тозија, лекари – Јовица Угриновски, како и постоењето на други ограноци на тајните друштва од Европа, постои уверување дека нашата држава со нив навистина добива можност за етаблирање во современиот свет.

ПАТРИОТСКА ЕЛИТА

Во организации од ваков тип, кои треба да ги одликува висока доблест и морал на нивните членови, особено кога се во прашање чисто христијански витешки редови како што е темпларскиот, најмалку што може да се очекува се финансиски проневери или странски замешателства против државните интереси. Напротив, Темпларите со кои разговаравме порано, нѐ уверуваа дека за разлика од дотогашните тајни друштва, како што се масонските ложи или елитистичките хуманитарни клубови „Лајонс“, „Киванис“, „Ротари“ и сл, тие не се организација во која членува македонската олигархија, туку пред сѐ, христијанска, патриотска институција на која Македонија и интересите на народот и државата ѝ се првенствени. За жал, кога станува збор за состојбите и случувањата во оваа организација, сѐ е некако извртено наопаку.

„Фокус“ минатата недела информираше дека поголемиот дел од витезите и дамите на Воениот витешки ред „Св. Наум Охридски“ подолго време бараат отчет за финансиското работење на организацијата, но командирот на редот Снежана Зечевиќ одбива да го стори тоа. Витезите се сомневаат оти неколку илјади евра што тие ги уплатиле во редот како учество, членарина, надомест за нивните наметки и крстови, трошоците за нивната иницијација што се одржа во хотелот „Стоунбриџ“ и сл., завршиле во приватни џебови на одметнатото раководство!

Но, работите со расколот по сѐ изгледа се многу посериозни, не само поради фактот што раководството одлучило да ги дистанцира непослушните, и да им се закани со бркање од организацијата, туку затоа што постојат сериозни сомненија за странски влијанија односно грчко-српско замешателство во целата благородна идеја на темпларите. „Фокус“ веќе објави дека грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани е припадничка на редот на Темпларите, а токму командирот на регионалната грчка организација ја водеше иницијацијата на новите витези во Македонија. Сепак, во сето тоа нашите Темплари гледаа само можност за промоција на Македонија, за братска темпларска помош за решавање на проблемот со името, за надминување на историските недоразбирања.

Но, според случувањата во текот на изминатите два месеци, по сѐ изгледа, ѓаволот дошол по своето и во редот на македонските Темплари.

Да потсетиме. Неколкумина Македонци уште лани станаа витези Темплари со иницијација на редот во Бугарија. Меѓу нив се контроверзниот писател на крими-романи Димко Тасевски-Дитас, правниот консултант Љубица Рубен, Васе Матевски – Лонѕа и неговиот брат, како и Снежана Зечевиќ, роднина на Миле Зечевиќ, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање. Оваа група „стари“ витези, уште од самиот старт кон новите кандидати почнала да се однесува непотребно конспиративно, па дури и арогантно, што создало сомневања. Токму од тие причини новите витези и дами се согласија пред јавноста да ги изложат своите ставови.

„Фокус“ разговараше со тројца од нив – Филип Петровски, Методија Михајловски и Марјан Камиловски.  Во разговорот тие најпрвин сакаа да ги изложат своите причини зошто му се приклучиле на редот.

– Не станавме витези поради Кодот на Да Винчи и поради тоа што веруваме дека Темпларите се чувари на потомците на Исус Христос. На таа тема сме поприлично догматични. Но, она што нѐ привлече во редот е екуменскиот карактер на организацијата, која е исклучиво христијанска.

Имено, во 2050 година истекува илјадагодишната анатема која си ја фрлиле едни на други Рим и Константинопол, по што доаѓа до главниот расцеп во христијанството, односно до поделбата на римокатолици и православни христијани, за потоа тоа да продолжи на протестанти, методисти… па сѐ до многубројните секти. Денес главната мисија на витезите Темплари е обединување и сочувување на вредностите на христијанската цивилизација. Во пресрет на 2050 год. тие се главните иницијатори посредници кои го подготвуваат теренот за помирувањето. Во тоа сакавме да учествуваме.

Нашите соговорници велат дека идеите се тие што ги поттикнале да влезат во редот. Меѓу нив и можноста преку ваква организација да се лобира за воведување теологија во образованието која може многу да помогне за запирање на моралната ерозија во која се наоѓа општеството, и за решавање на проблемот со името на Македонија.

ИНСТАЛАЦИЈА НА ГРЦИТЕ

– За сето ова имаме идеи кои се многу вредни за да бидат разгледани, велат тие. Но, „тиквата пукна“ токму на проблемот околу името.

Иако им било ветено дека македонскиот витешки ред „Св. Наум Охридски“ во организацијата ќе биде примен под уставното име, на денот на иницијацијата – 7 октомври, на знамето осамна „ФИРОМ“.

– Госпоѓата Рула Роган (Гркинка – н.з.), која е регионален шеф на Темпларите и која ја изврши инсталатурата, за ова не сакаше ни да слушне, велат нашите соговорници. Мистериозно, преку ноќ, без да бидеме консултирани, се смени името на знамето. Кога го видовме тоа, изразивме вербално спротивставување. Снежана Зечевиќ инсистираше името „Фиром“ да остане. Тогаш се договоривме да го покриеме делот од знамето на кое пишуваше „Фиром“ со рака, што може да се види од фотографијата. Подоцна, тоа од раководството ни беше земено за најголемо зло, наводно сме се однесувале непристојно. Тоа кај нас создаде прашалници кој и зошто е толку силно мотивиран, против нашата јавно истакната волја, да го протурка името што им одговара на Грците. Ова нѐ мотивираше да истражуваме. Она што го дознавме е поразувачко. Постојат сериозни индикации за инволвираност на странски влијанија, против интересите на Македонија. Ние со тоа не можеме да се согласиме во никаков случај. Нашата намера, која е изводлива, е преку Темпларите да ја промовираме Македонија, а не грчката идеја и агенда за Македонија.

Од тука почна гласното разномислие.

Соговорниците на „Фокус“ велат дека не застанале на тоа, туку продолжиле да истражуваат. На нивно големо запрепастување, дошле до сознанија дека има простор за сомнеж и од финансиски малверзации. Сите нови членови дале по 500 евра за да станат витези или дами, плус издвоиле по 100 евра за витешките наметки, платиле годишна членарина од 150 евра, а имало и други поситни трошоци.


Некои од нив дале и повеќе од 1.000 евра за различни потреби, онолку колку што им било побарано од раководството. Но кога побарале да видат за што се потрошени парите, биле грубо одбиени. Им било речено дека станува збор за тајна организација и дека нема нив што да ги интересира каде завршиле парите. Дури, еден од старите членови, споменал и дека „ако некој се спротивставува, тоа се решава и со куршум в чело“.

Нашите соговорници инсистираат дека и Св. Наум Охридски, како и секое здружение на граѓани, сеедно што станува збор за витешки ред, подлежи на финансиска контрола и отчет.

– За да бидеме сигурни во нашите сомневања, сметаме дека е потребна детална финансиска ревизија од овластени државни институции. Тажно е името на Св. Наум Охридски кој е еден од најголемите исцелители и светци во македонската историја да биде искористено како маска за можни матни дејанија. Затоа на ова се спротивставуваме јавно како витези Темплари и со овој акт ја штитиме и Македонија, македонската црква и македонската нација, велат тие.

Темпларите, за разлика од сите други масонски друштва кои се обвиени со тајност, се јавна организација, тврдат нашите соговорници. Редот е асоцијативна членка со посматрачки статус и во организацијата на ОН. Витештвото, чесноста, моралот, смелоста, храброста, братството итн. се карактеристики што треба да ги одликуваат членовите на редот. Затоа и очекуваат брза разврска на мрачните случувања.

Кои се Масоните и Темпларите
НАСЛЕДНИЦИ НА БОГОМИЛИТЕ

Од концептот на создавањето на темпларското братство во 1128 г., како и две други организации во тоа време – Сионското братство, и Розенкројцерите, подоцна произлегуваат сите масонски друштва, вели Михајловски. Од нив конечно во 1776 г. Адам Вајшоп ја формира најтајната организација – „Илуминати“. Оваа организација подоцна ги финансира и Карл Маркс, Фридрих Енгелс и втората Француска револуција, како и Руската револуција. Познатиот „Комитет 300“ во кој членуваат најмоќните луѓе на светот, по 100 од Америка, Јапонија и Европа, е само еден сегмент од организацијата. Денес се исто така познати и „Трилатералната комисија“, „Советот за надворешни прашања“ на САД и групата „Билдерберг“, како тајни друштва што владеат со светот. Всушност, денес постојат 39 тајни друштва од ваков карактер. Заклучно со американскиот претседател Ричард Никсон ги имало 11, и затоа се споменувал „Комитетот 11“, но денес ги има 39.

Инаку, „Комитетот 300“ располага со 180 институти во целиот свет. Под него се и Парискиот и Лондонскиот клуб, моќни финансиски институции кои владеат со банкарството. Тој раководи и со најстарата банка во светот – „Banco di Santo Spirito di Roma“ – Банка на Светиот Дух во Рим. Семејствата Ротшилд, Рокфелер, кралицата Елизабета и др. се водечки луѓе во Комитетот 300.

Но, за разлика од овие масонски организации, каде што најмногу членуваат Евреи, Темпларите се исклучиво христијанска организација. За нив е значајно крстоносното движење, кога тргнуваат од Европа во Светата земја за да го одбранат и сочуваат гробот на Исус од муслиманската наезда. Темпларите уште се гордеат со тоа што Светиот Грал речиси 1000 години е во нивен посед и се наоѓа во Шведска.

Што се однесува до Македонија, како што вели нашиот соговорник, многу важно е да се каже дека и покрај долгогодишното постоење тајни масонски организации, дури и за време на турската империја, за голема жал не било дозволено да се издигне елита што ќе се сплоти со светското темпларско движење. Инаку, Темпларите имаат силни корени во Македонија. Богомилите како носители на христијанскиот, крстоносен ред во 13 век, се нивните претходници. Откако во 1314 г. е убиен Жак де Моле, Темпларскиот ред згаснува. Но тој се обновува во 1624 г. во повеќе земји во Европа.

Поврзани новости