Текстот е објавен на 28 јануари 2011-та, во неделникот „Фокус“ број 813.
Пишувал
Ване ЦВЕТАНОВ
Пред да почнам со текстот на мојата последна колумна, би сакал да се заблагодарам на неделникот Фокус за можноста да бидам колумнист, кое за мене претставуваше огромна чест и задоволство.
Исто така, голема благодарност до читателите, со надеж дека се задоволни од напишаното од мене, и верувам дека преку колумните успеале да дознаат одредени информации, или пак ги натерале да подразмислат за одредени состојби.
Во минатата колумна дадов конкретни прогнози за резултатите на претстојните пролетни избори, сега ќе се обидам накратко да направам кратка анализа за причините за тие констатации и прогнози.
Жално е што политичките партии се оптоваруваат со етикетирања и навреди поврзани со минатото, лошо е што премногу малку се отвораат конструктивни дискусии за сегашноста, а трагично е што премногу малку внимание се обрнува на иднината.
Благодарение на искривениот вредносен систем, недостигот од самокритичност, политичка култура и толеранција, се наоѓаме таму каде што сме.
Во Библијата е речено: “Слепиот слеп води во бездна”. Така и нашите политичари, владетели, збунети и очајни, очигледно не знаат каде го водат народот, кој е се поисплашен од бесперспективноста и тоне се подолу. Ако политичарите се слепи, дел од народот е уште послеп!
МЛАДИТЕ ВО СВЕТОТ СЕ БОРАТ ЗА УСПЕХ
Дали некој се прашал, каде е згрешена работата од почеток, а до ден-денешен продолжуваме кон полошо? Годишниот бруто домашен производ на Словенија е педесет милијарди евра, нашиот е девет милијарди. Потекнуваме од иста држава, исти услови, со иста стартна позиција. Тие се два милиони, колку и ние.
Имаме далеку повеќе обработливо земјиште, природни богатства, потенцијал. Но, погледнете како живеат и со што се преокупирани Словенците, а како живееме ние, и со што е преокупиран нашиот народ? Со толку природни богатства, убава географска местоположба, со одлично земјиште, клима…
Триесет и четирите проценти невработеност, повеќето од триесет проценти сиромаштија, се факти кои ја потврдуваат лошата сегашност.
Во минатите колумни направив повеќе пресеци на сегашноста, и причините кои довеле до неа, сега ќе се обидам да напишам некој збор за иднината, каде сме сега, и што не очекува доколку не се смени нешто во колективната свест, тргнувајќи од свеста на поединците. Порано се нарекуваше нарушен вредносен систем, па после се претвори во целоно искривен вредносен систем во општеството, за денеска да можеме да го наречеме малограѓанштина, неукост, простотилак.
Многу мал е процентот на самосвесните граѓани, а се поголем е бројот на оние кои се мислат за нешто посебно, без никаква подлога и основа за истото. Се поголем е бројот на оние кои мислат како да си ги задоволат своите физиолошки потреби од оние кои се градат духовно, и мислат за иднината!
Често пати сум ја земал Република Бугарија како репер за одредени состојби, па и сега ќе се обидам да направам некои споредби. Живееме толку блиску, а имаме толку различен менталитет.
Разликата во менталитетот кај младите е во амбициозноста, сериозниот пристап кон животот, и пред се трендот на самоснаоѓање за сопствената егзистенција. Таму е нормално секој студент да работи паралелно, ако сака да живее на повисока нога.
Тој пристап одамна е својствен кај младите од цела ЕУ, САД, и најголемиот број на високоразвиени земји!
АДМИНИСТРАЦИЈА ЗА МАМИНИ СИНОВИ
Кај нас имаме повеќе од педесет проценти мамини и татини синови, паразити кои чекаат некој друг да им ги реши проблемите со кои се соочуваат, а самите не мрдаат со малиот прст. Многу е висок процентот на млади луѓе кои со завршувањето на високото образование, се однесуваат како да го постигнале највисокиот дострел во животот, и дека токму сега светлата иднината им е гарантирана.
А кој треба да ја гарантира таа иднина? Па се разбира – државата! А како? Па мора да им се обезбеди државна работа, по можност во канцеларија каде едно биро ќе го делат повеќемина, но важното е секој да има компјутер, интернет, инсталирано палета на игри и пристап до Фејсбук. По можност платата да доаѓа до петти, но за истата да немаат одработено ама баш ништо!
Е сега, за исполнување на овој сладок сон на нашава младина, потребна е партиска членска книшка, бидејќи без книшка нема државна работа, а без државна работа не е исполнет сонот – ништо да не работиш, да отапуваш секојдневно, а да земаш плата. А платата е за дополнително отапување, за помодарство, снобовштина, седенки, пијанчење и прејадување.
Е, сега, ако иднината е во младите, искрено и не гледам некоја светла иднина на државава. Кога повеќе од педесет проценти од младите се тргнати по лош пат, или за жал имаат целосно искривена перцепција за животот, тогаш ќе биде многу тешко работите да се подобрат!
Народ, пак, како нашиов, е желба за најголемиот дел политичари од светот, особено оние помалку демократски настроените. Народ пластелин, си го моделираш како сакаш, согласно потребите, а најголемиот дел од младите не можат да бидат ни пластелин, туку песок од кој не може ни на моделирана форма да се надевате.
Свесни за навиките, слабостите и страстите на народот, политичките партии не го чувствуваат притисокот за сериозно вршење на својата работа. Односно, овде се потврдува народната – Каков народ, таква држава!
Како е можно, владејачката партија да не труе со реклами и пропаганда за неуспешната приватизација, и колку лош бил Бранко? Реклама, да не бил Бранко (веројатно се мисли – ако бил Груевски), сега ќе живеевме прекрасно, во идила, сосе фабриката на Ауди.
Премиерот од болницата пред распаѓање во Штип, во која беше донирана медицинска опрема (со пари од граѓаните од скоро дуплираниот буџет) не пропушти да потсети за приватизацијата направена од СДСМ, и секако за ТАТ. Па добро де, имаше избори во 1998-та, кога СДСМ си плати и за Ауди, и за ТАТ и за приватизацијата. Како што ВМРО-ДПМНЕ си плати во 2002 за многуте криминали, за приватизациите на ОКТА, на Телекомот… Но, сѐ уште остана енигма прашањето, како министерот за финансии остана единствената светла точка од тој период?
Сепак, не е виновен Груевски, оти, резултатите од маркетиншките испитувања му велат да продолжи да организира протести со задоволни граѓани, да не потсетува секојдневно на периодот до 1998 година, да си продолжи со рекламите и контролата на медиумите, и да не се секира!
ШТРАЈКУВААТ ТИЕ ШТО СЕ ЗАДОВОЛНИ?!
Од друга страна, на геополитички и геостратешки план во светот се чувствува одредена можност за нарушување на одредени баланси, па ќе мора да се дојде во позиција да се фаќа страна. Да си почека на исходот, па да си се врати на бел коњ кога сака и како сака.
Интересно е што ќе се случи доколку не влеземе во НАТО и не почнеме преговори со ЕУ во следниве три години. Политиката за кантонизација, што ја промовираше една политичка партија, ќе стане официјално барање од сите албански партии. Не е нивен проблемот со името, и притисоците кон нив ќе растат секојдневно. Никој досега не одговорил на тезата, кој ќе ја понесе одговорноста доколку бранејќи го името ја изгубиме државата?
Во одредени дипломатски кулоари се почесто се шири тезата дека ниту кај граѓаните, ниту кај политичарите во Македонија постои доволно чувство за одговорност кон државата, ниту пак имаат капацитет да ја зачуваат државата. Сѐ почесто се отвора прашањето околу сценариото за поделба на Република Македонија.
Прогнозата е дека западниот дел би се припоил кон Косово, а остатокот би се припоил на Србија. Прашањето ми е, кој од денешните политичари би ја понел таа одговорност? Или денешната битка за секоја педа медиумски простор е токму во име на таа операција? Со какви приказни тогаш ќе не замајуваат медиумите?
Дали како и вообичаено вниманието ќе биде оттргнато од суштината, а ќе биде насочено кон некакви измислени детали? Па и да дојде ред до растурање на државата, можам да замислам какви ли се не, обланди ќе ни спакуваат? Веројатно главното политичко оправдување ќе биде – Името го зачувавме, оти нели ќе сме федерација, идентитетот е зачуван, јазикот исто така зачуван (сето тоа за локална употреба), а државата што отишла јабана – никому ништо.
Со ваков народ, кој повеќе мисли со стомак отколку со глава, со вакви медиуми, кои исполнуваат секакви нарачки, со корумпираните судство и државна администрација, и со неодговорните политичари, тешко дека ни се пишува добра иднина!
Каква иднина да очекуваме со народ кој штрајкува од задоволство, дека му е убаво, каде прави циркуси против опозицијата? Не видовме ниту една група стечајци во изминатите десетина години да штрајкува пред куќата, односно замокот на некој директор кој ги донел до таму? Или пак пред приватната фирма на некој, кој грабајќи од државна фирма, меѓувремено си направил своја?
Си ги бараат правата, и тоа е во ред, бараат ситни надоместоци, но да ги земеа клучевите од колите на целата фамилија на некој од бившите директори, ќе си ги обезбедеа парите до пензија за цела фабрика. Но не, полесно е да се биде дел од толпата, да се штрајкува онаму каде ќе ви биде кажано, дали пред влада, дали пред опозиција!
СПАСОТ Е ВО ВРАЌАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ
Накратко, тоа се причините за дереџето до кое стигнавме денес. Дали има спас? Се разбира дека има, во целиот текст не случајно пишував за педесетина проценти од народот, од младите, кои заталкале по лоши патишта, кои ја изгубиле и верата и вербата, во себе и во Бога.
Но, оваа земја раѓала и ќе раѓа одговорни, чесни, искрени, вредни луѓе. Тие педесетина проценти на граѓани кои не веруваат на ниту една политичка партија, во највисок процент се интелигентни луѓе, со достоинство и интегритет. Тие сигурно не се дел од толпата која оди да држи транспарент и да вее знамиња онаму каде што ќе им свирнат.
Повлечени се со право, бидејќи направиле проценка и не сакаат да прават кловнови од себеси. Спасот е во сериозна, искрена, државотворна политичка платформа која ќе даде конкретни ветувања, а овие педесет проценти ќе ги препознаат. Но, мора да бидат убедени дека не се како останатите!
Спасот е во активирање на отфрлените стручњаци, професионалци, и нивно ангажирање на вистински места во општеството. Ако не се случи некоја посуштествена промена, работите сигурно нема да тргнат на подобро, но на полошо сигурно. Е сега, во кој правец, и колку на полошо, тоа само Господ знае.
Останува да се молиме, Господ да продолжи да не чува и нас и државата, оти очигледно самите не знаеме да се чуваме!