Македонија воведе ново државно уредување

by Фокус

Пишува
Џабир ДЕРАЛА

Недозволиво е институциите на власта кои им припаѓаат на сите подеднакво, да ја претворат оваа земја во христијанско-исламска џамахирија. Овојпат, за крстот во Аеродром, а секако не за негувањето на верата. Тие што ме познаваат, добро знаат за што зборувам.

„Македонија во светот се идентификува со крстот“, кажа „донаторот“ на 50-метарскиот крст во Аеродром во присуство на власта. И тоа го слушнавме. Не знаев дека Македонија го сменила Уставот и дека е претворена во верска држава преку ноќ. Не слушнав ни власта да се огради од оваа изјава, значи дека се согласува. Значи, Македонија и официјално го суспендира Уставот и воведе ново државно уредување.

Суспендирањето на Уставот и законите ни се случуваат премногу често за крстот во Аеродром да биде преседан. Понижувањето и насилието станаа секојдневие во мизерните ни животи. И никој не го праша народот. Пак!

Никој не го праша народот дали сака да му се насадат крстови, минариња, црквии до болка одвратни споменици и згради на секој чекор. Никој и не помислува дека, наместо тиранија, народот очекува да му се овозможи живот во достоинство, да му се обезбедат услови за работа и образование, услови за пристојно лекување, па и достојно заминување од овој свет.

Очекува, бидејќи за тоа и плаќа и гласа.

Никој не гласа за соопштенија за економски раст, туку тој раст очекува да биде вистински, а не дел од рекламна измама. Кратка е патеката од ТВ екраните полни со лаги до празниот фрижидер.

Никој не гласа за да слуша колку биле лоши тие претходните, туку колку добрини ќе видат од идните. Никој не сака да му се мешаат во приватниот живот, да му го кројат семејството, да му ги бираат соседите и да му чепкаат по душата.

Ја претворат оваа земја во христијанско-исламска џамахирија

Никој не сака да ги гледа своите деца како растат во општество доминирано од криминалци и никој не сака да ја види својата земја како ги апси и прогонува оние што се осмелиле да говорат поинаку.

Никој не гласа за проширување на затворските капацитети, туку да биде слободен. Никој не гласа за да живее во страв и неизвесност.

Ниту живите, ниту мртвите не се раат од апашите и силеџиите. Се плукна во сé што е човечко, се урна сé што значеше барем трошка надеж дека ќе биде подобро. Наместо тоа, „чувај боже од полошо“ стана првата и последната реченица од комшискиот муабет.

Од устата збор не излегува, од градите здив не се испушта. Ни живи ни мртви, талкаме низ лавиринтот кој ни го поставија „надлежните“. Тие, изгласаните на демократски избори.

Студентските домови станаа шупи, децата мрзнат по училиштата, болните ги дотепуваат по болниците, затворите се преполни, безброј млади ги продаваат своите тела за ситни пари, мајки, сестри и сопруги шијат за мизерна надница под лавина пцости и понижувања од газдите, градежни работници и рудари гинат по скелиња и јами, тутунарите ги прелажуваат секоја сезона, за грст долари се вади пиштол и се пука, плаќаме двојно и тројно за нешто што е наше … да набројувам ли уште?!

И ако се обидам, ќе има ли крај?! Еден погреб не можеме да си дозволиме, а да не се задолжиме до гуша, камоли за храна и облека за нас и нашите деца…

Еднаш напишав, пак ќе напишам, земјава ја претворија во гробница и тоа претесна и грда. Живи нé закопуваат, а за себе обезбедија од пиле млеко и тоа за неколку генерации однапред. Садат крстови како да се краставици, од минарињата трешти, од црквите трешти, а во душите пустина.

Ебати животот ваков и со вакви!

Поврзани новости