Полемика (4): Историјата како гума за џвакање

by Фокус 11:00
11:00

Пишува
Бошко НАЦЕВСКИ

Повод:

- Advertisements -

ВМРО длабоко се пасивизира во времето на НОБ“, колумна на Стојан Андов.

Илинденците се бореа во НОБ − ВМРО беше со фашистите!“, реaкција на генерал Тодор Атанасовски.

Вистинското прашање од Втората светска војна“, реакција на Љубчо Георгиевски

За оние што малку повнимателно ги следат повремените писанија и мошне зачестените вербални настапи на господинот Љубчо Георгиевски, некогашен премиер, а сега челник на една од партиите што ги (зло)употребуваат, па дури и ги сквернават четирите букви (ВМРО), кои во колективното паметење на Македонецот израснале до степен на светoст, не ќе е неопходен некој позначителен напор за да ја одгатнат заднината од неговиот прилог во „Фокус“ бр. 944, со наслов „Табуто во македонската левица“.

Додуша, има забележлива доза на искреност кога констатира дека „Денешното ВМРО-ДПМНЕ нема никаква, ниту идеолошка, ниту политичка допирна точка со историското ВМРО“. Меѓутоа, овојпат тој острецот го насочува кон ставовите на Стојан Андов и генерал Тодор Атанасовски, кaј кои, како што тврди, „и по дваесет години демократија“, забележал „отсуство на храброст да излезат од шемата за македонската десница, наследена од југокомунистичката историографија“, според која, како што наведува Георгиевски, „сите левичари, социјалисти, комунисти се позитивни личности, македонско национално освестени, а наспроти нив − сите десноориентирани се убијци и со некаква бугарофилска опашка“.

Љубчо Георгиевски, несомнено, е далеку од добрата намера да фрли некоја пореална, порационална и пообјективна нијанса врз овој сегмент од мошне сложениот мозаик во македонската национална историја. Всушност, тој само преповторува познати и изветвени флоскули, позајмени од депоата на бугарската пропагандна машинерија, со децении градени на антимакедонска основа.

Исцртувајќи ги идеолошките и револуционерни портрети на Димитар Благоев, основач и лидер на бугарските социјалисти, на Георги Димитров, долгогодишен челник на  бугарските комунисти, како и на филозофот, академик Тодор Павлов, кои и покрај македонското национално потекло, своите интелектуални и политички вредности ги вградилe во највиталните општествени текови на Бугарија, Георгиевски, за жал, го извлекува најирационалниот и најнебулозниот заклучок. Дефектен по сите основи.

Нему, всушност, и не му била идејата да соопшти какви интелектуални вредности Македонците ѝ дале на Бугарија, туку со комично наивна „аргументација“ да го поткрепи познатиот и во повеќе пригоди деклариран личен сомнеж за посебноста на македонскиот национален бит.

НЕГАТОРСКИ ТЕЗИ

Дојдено е времето, повикува Георгиевски, да се одговори зошто овие интелектуалци и политички колоси со македонски родословен корен „се определиле да градат социјализам и комунизам во Бугарија, негирајќи ја не еднаш македонската национална самобитност“?! Според него, тие се декларирале како Бугари и работеле во интерес на македонското национално зло, факт што им избегал од видокругот на југокомунистичките историчари.

Со ова негово тврдење, нашиот експремиер со двете нозе влегува во стапицата на лагата. И не би се рекло дека тоа го прави од недоволна едуцираност колку од побудата да провоцира и да биде безмалку на истата бранова должина со некои познати софиски телали, кои, катапултирајќи негаторски тези од арсеналот на антимакедонизмот, граделе научни и политички кариери.

За да се растера маглата што Георгиевски ја фрла врз образот на тројцата, како што тој ги нарекува, колоси, чие револуционерно дело во многу сегменти е нераскинливо врзано за Македонија и Македонците, ќе се послужиме со јазикот на фактографијата, а не со диверзијата на манипулацијата.

Димитар Благоев, роден во селото Загоричане, Костурско, во егејскиот дел на Македонија, како емигрант во Бугарија израснува во пролетерски трибун. Основач е на бугарската Социјалистичка партија. Во неговиот познат говор во Народното собрание на Бугарија, одржан на 10 декември 1917 година, во својство на шеф на бугарските социјалисти, тој ја осудува хегемонистичката политика на Бугарија, со нагласка на апсурдноста на нејзините територијални и духовни претензии кон Македонија.

Притоа, Благоев, познат и како Дедото, најенергично ја негира „ослободителната“ улога на Бугарија во Македонија, во балканските и во Првата светска војна. На потсетувањето од еден  десно ориентиран пратеник, дека Благоев е родум од Загоричани, што требало да се подразбере дека е Бугарин од костурското село во егејскиот дел на Македонија, тој ќе изјави: „Да, јас сум родум од Загоричани, меѓутоа, јас не сум Бугарин. И како таков, ако сакате да знаете, јас сум за Македонија, како словенска земја која ќе си има сопствена управа“.

Благоев, всушност, во повеќе наврати во споменатиот говор ќе потсетува дека Бугаринот, како потомок на несловенско племе, нема ништо заедничко со Македонецот, како Словен. Колку за информација, при печатењето на неговите целокупни дела во 1962 година, софискиот издавач, од стенографските белешки го исфрлил делот од говорот на Благоев за неговото македонско потекло и за идентитетот на Македонците. (Димитар Благоев, Сочиненија, 1962, том.17, стр. 415).

Тодор Павлов е врвен интелектуалец и политички деец, член и претседател на Бугарската академија на науките. Роден е во Штип во 1890 година. А, за тоа дали тој, како што тврди Георгиевски, го негирал националниот идентитет на Македонците, нека посведочат извадоците од неговиот говор одржан на 7 октомври 1946 г. по повод свеченото пренесување на коските на Гоце Дечев од Софија во главниот град на Македонија.

„Гоце, со целата своја револуционерна дејност и сфаќања, практично, многу придонесе за формирањето и развојот на македонската национална (македонскословенска, а не бугарска и не српска) свест… Желбите на Гоце, ќе рече Павлов, сега се историски факт кој со никакви извртувања и со никакви провокативни подметнувања и интриги од нашите бугарски реакционери, кои сакаат да го вратат назад тркалото на историјата, не може да биде ниту одречен, ниту омаловажен или потценет.“

Да потсетиме дека во оставината на филозофот се наоѓа и еден ракопис во кој тој, со нему својствената аналитичка задлабоченост и зрелост, ги разоткрива фундаменталните различја на македонскиот од бугарскиот етникум.

ДЕФОРМИРАНА ДИОПТРИЈА     

Георги Димитров е роден во 1882 год. во Ковачевци. Од графички работник се извишил до револуционер со интернационални размери. Во енциклопедискиот именик на МИ-АН, „Личности од Македонија“, може да се прочита следново: „Георги Димитров, бугарски револуционер и државник, кој го признавал идентитетот на македонската нација.

Во време додека ја врши должноста претседател на бугарската отечественофронтовска влада, тој сесрдно ги брани националните интереси на македонската кауза. Во говорот во Народното собрание на Бугарија, одржан на 25.12.1945 година, Димитров ќе рече:

„Борбата на македонскиот народ за слобода, тоа е наковалната на која е искована македонската народност и е изградена македонската држава… Македонската држава се создаде врз урнатините на великобугарскиот и великосрпскиот шовинизам… Не поделба на Македонија, не борба за нејзино завладување, туку почитување на волјата на Македонците“.

Димитров работи за реализација на идејата Пиринска Македонија да се припои кон матицата − НР Македонија. Во писмото до Тито од 17 август 1946 година, покрај другото, Димитров пишува:

„Присоединувањето на пиринскиот дел е работа на самите Македонци… Треба систематски да се работи за зближување на двата народа − на македонскиот народ од овој крај со НР Македонија.“

Токму во тој временски интервал во пиринскиот дел на Македонија се отвораат бројни училишта на македонски јазик, многубројни книжарници и Македонски народен театар во Горна Џумаја, денешен Благоевград. А, во пописот од таа 1946 год., само во Пиринска Македонија, како Македонци по националност се изјаснуваат околу 180.000 граѓани.

Зар овие „ситници“ од генералиите на Димитар Благоев, Тодор Павлов и Георги Димитров, можел Георгиевски така лесно да ги превиди или да ги прескокне? Историјата е исклучително комплексна наука, со многу стапици и предизвици. Нејзини темелници се фактите, а не волунтаризмите и импровизациите. Таа најмалку е тестовидна материја што може да се обликува според желбата на некого или на некои.

Од споменатиот, да речеме, полемички текст на Љубчо Георгиевски за табуто на македонската левица, би издвоиле уште две личности, што тој, за жал, ги опсервира со крајно деформирана диоптрија. Станува збор за Васил Ивановски и Владимир Поптомов.

Васил Ивановски е во групата на, како што нагласува Георгиевски, „разочарани комунисти“, кои по АСНОМ, незадоволни од третманот и случувањата во Македонија, се одлучиле на „бегство“ − враќање назад во Бугарија. А, всушност, реалноста е сосема подруга. Но, за тоа нека проговори самиот тој.

Ќе го пренесеме неговото сведочење на судскиот процес, во својство на обвинет за „велепредавство и шпионажа“ во корист на Македонија и ФНРЈ, одржан во Софија во 1949 година, во кој првообвинет е Трајчо Костов, кој извесен период ја врши должноста заменик-претседател на Министерскиот совет на Бугарија, а потоа стана секретар на ЦК на БКП. За божемно дејствување на титовистичка и пројугословенска линија, како и за шпионажа во корист на Англија, на Костов во тој монтиран судски процес му беше изречена смртна казна, што потоа беше и извршена, а на Македонецот Васил Ивановски му беше пресудена затворска казна во траење од 12 години. Неколку години подоцна Трајчо Костов беше рехабилитиран.

ИНСЦЕНИРАНО „ПРОГОНСТВО“

Васил Ивановски, всушност, во Бугарија се враќа, не поради незадоволство или разочараност, како што ќе рече Георгиевски, од работата на македонското државно и партиско раководство, туку со однапред програмирана задача.

Како потврден и признат македонски активист и авторитет, тој требало да ја засили и да ја зајакне пропагандната дејност меѓу многуилјадната македонска емиграција во Бугарија, во подготовките за припојување на пиринскиот дел кон НР Македонија.

„За да се замаскираат причините за моето доаѓање во Бугарија, ние во Скопје се договоривме  дека треба да се инсценираат некакви недоразбирања меѓу мене и Колишевски и другите раководители на македонската партија, што и го направив“, ќе изјави Ивановски пред судскиот совет.

Тој е роден во 1906 година во костурското село Ловраде. Во балканските војни неговото семејство емигрира во Бугарија. Многу млад се вклучува во револуционерните активности, особено на промакедонска линија. Член е на ВМРО (обединета). Позната е неговата студија „Зошто ние Македонците сме одделна нација?“. Делегат е на Првото заседание на АСНОМ и е прв главен уредник на весникот „Нова Македонија“.

Владимир Поптомов e еден од основачите на ВМРО (обединета) и еден од нејзините најистакнати дејци. Во 1949 година е наименуван на функцијата министер за надворешни работи на Бугарија. Потекнува од македонско семејство од пиринското село Белица.

Неговите погледи за македонскиот национален идентитет и за македонската држава најилустративно ќе ги искаже во брошурата „Националното прашање на Балканот“ од април 1945 година и во одговорот на една прес-конференција во 1949 година, на прашање поставено од британскиот новинар Илхем Грахам Брчет, дописник на лондонските „Тајмс“ и „Дејли експрес“. На прашањето: „Кое е најдоброто решение на македонското прашање во сегашните услови?“, Поптомов, во улога на прв човек на бугарската дипломатија, ќе одговори:

„Со најголемо право за решавање на македонското прашање може да зборува самиот македонски народ. Такво овластување од македонскиот народ јас немам. Но, јас лично верувам дека за македонскиот народ, порано или подоцна, ќе се открие светла иднина и тој ќе биде признат како рамноправен народ меѓу балканските народи. Од гледна точка на мирот на Балканот, македонското прашање сметам дека не треба вештачки да се подгрева и изострува. (Од прес-конференцијата одржана во 1949 год., објавено на стр. 610 во книгата „Процесот против Трајчо Костов и неговата група“).

СРАМНА ПРОДАЖБА

Илузија е да се тврди дека кај дел од македонската емиграција во соседните држави, во врска со македонскиот национален идентитет не се забележани мутантни, та дури и негаторски тенденции. Меѓутоа, тие трансформации, пред сѐ, се условени од политичкиот, социолошкиот и од економскиот амбиент во кој се нашле по напуштањето на родните огништа. А тој, гледано од кој и да е агол, не бил поволен, а уште помалку романтичен.

Како оваа македонска национална голгота е отсликана во петровградскиот весник „Гражданин“, број 37 од 16 септември 1912 година, со наслов „Писмо од Битола“, во редакција на рускиот публицист Александар Кон? Тоа што Кон го видел пред 101 година, некои наши сограѓани не може да го согледаат, а уште помалку да го протолкуваат, ниту денес. Ќе пренесеме само дел од публикуваното во петровградското гласило.

„Десетици илјади македонски работници секоја година одат на печалба во Бугарија, Србија и во Грција. Кој во Грција не сака да се вика Грк, во Србија − Србин, во Бугарија − Бугарин, тој во тие ’братски’ земји не може да го заработи парчето леб. Има случаи кога од тројца еднородни браќа, едниот мора да се вика Грк, другиот Србин, третиот Бугарин, во зависност од тоа кој каде заминал на печалба. Кога веќе споменативе методи не ги постигнуваат целите, тогаш во Македонија се појавуваат вооружените бугарски, српски и грчки чети и со груба сила и оружје во рацете ги тераат Македонците да преминуваат од една нација во друга. И тогаш почнува вистинското братоубиствено самоистребување на Македонците.

Да се помогне на оваа несреќа, може на следниве начини:

– Уништување на бугарската, српската и на грчката пропаганда во Македонија.

– Отворање училишта на славомакедонски јазик.

– Востановување црковна независност (автокефалната славомакедонска црква во град Охрид).

– Слободен развој на националната самосвест, т.е. на свеста дека Славомакедонците се еден и неделив народ.

Ако варварското самоистребување продолжи уште неколку десетици години, тогаш од словенскиот елемент во Македонија ќе останат само жални остатоци од потомците на Кирил и Методиј… Во името на хуманоста, човечкото достоинство и љубовта кон својата татковина, македонската интелигенција еднаш за секогаш мора да ја прекине срамната продажба на својата свест и чест на бугарските, на српските и на грчките пазари.“

Зачудува фактот колку овој текст, објавен во руското гласило „Гражданин“, дури ни денес, еден век по неговото првично публикување, не изгубил од својата актуелност.

Поврзани новости