Мајката на Маријана и Росана, првата Мис на Куманово која одби кариера во Југославија!

by fokus

Со обемна културно-уметничка програма деновиве Општина Куманово одбележува 77 години од ослободувањето, а кумановчани се присетуваат на настаните кои во минатото се случувале во градот по повод празникот. Еден од оние, кој предизвикал голем интерес кај граѓаните, бил изборот на убавица кој се случил далечната 1962 година, во хотелот ,,Кристал” како дел од програмата за таканаречената Сина вечер.

Тогаш, жири комисијата ја прогласила Гордана Стојановска за убавица, втора придружничка била Костадинка Илиевска, а трета Ленче Димковска.

Гордана во тој период била ученичка во трета година во Учителската школа и пленела со својата убавина. И денес на свои 76 години таа уште зрачи со убавината и шармот, и во Куманово е синоним за негувана жена. Освен како првата официјална Мис во градот, позната е и како мајка на своевремено еден од најпопуларните дуети кај нас, сестрите Маријана и Росана.


За животниот пат на Гордана, за понудите да не претставува на изборот за Мис на Југославија, за одлуката да се посвети на семејството, наместо да гради кариера во светот на моделството, ни раскажа нејзината ќерка Росана Сариќ-Тодоровска.

-Убави спомени се тоа, од убавите минати времиња… Се гордеам кога повозрасните кумановци си спомнуваат за мајка ми и нејзината убавина, за тоа дека таа беше првата убавица избрана како Мис на градот по повод празникот 11-ти Ноември, далечната 1962 година. Не знам дали некогаш повторно се организирал избор за убавица во Куманово.
Мајка ми беше многу убава, таа безвременска убавина трае и сега, но сепак годините си го прават своето, таа сега има 76 години… По победата на изборот, го завршила школувањето и се вработила како учителка. Добила понуда да се натпреварува на изборот за Мис на Југославија, но други времиња биле тоа.
Дедо ми не и дозволувал. Поради тоа немала кариера во областа на моделството, ниту пак по победата на изборот за Мис на Куманово учествувала на некој друг сличен избор-се присетува Росана.

Додава дека Гордана се омажила рано, на 20 години веќе станала мајка.

-Нас не добила кога имала само 20 години. Таа е од оние жени, кои целиот живот си го посветуваат на семејството, бидејќи самите сакале и одлучиле така. Горди сме на неа – раскажа за ,,Фокус” Росана, која со својата сестра близначка Маријана ја започнаа музичката кариера уште на свои 17 години и беа еден од најпознатите дуети на сцената.

Вики Клинчарова

Поврзани новости