ЛДП и ДОМ со нова платформа во преговори за нова влада

Се уште работиме на неа, но таа ќе биде афирмирање на веќе договорени и некои нови проекти, вели за Фокус Горан Милевски.

by Фокус

Владејачките ЛДП и ДОМ, кои на последните локални избори настапија во посебна коалиција, изготвуваат платформа со која ќе настапат во разговорите со новиот лидер на СДСМ и мандатар за составување на нова влада – Димитар Ковачевски.

Како што вели за Фокус лидерот на ЛДП Горан Милевски, се уште работат со ДОМ на оваа платформа, која, како што истакнува тој, ќе биде во насока на афирмирање на веќе договорени проекти, но и на сосема нови проекти.

Притоа, Милевски посочува дека нивните заложби и позиции подразбираат заокружување на процесот на децентрализација, отворање на Законот за локална самоуправа, намалување на парафискалните давачки, како и регулирање на областите со изборите, криптовалутите, урбаниот хаос и екологијата.

Исто така, според него, дел од проектите ќе бидат во функција на побрз економски развој, а како пример ја наведува изградбата на нова жичара на Пелистер со можност за нов ски-центар.

И претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, изјави дека овие денови во разговор со либералдемократите ќе прецизираат како ќе настапат при формирање на нов владин кабинет, меѓутоа таа потенцира дека во партијата веќе имаат „дефинирани приоритети“.

Инаку, на непосредните внатрепартиски избори во СДСМ, вчера победи актуелниот заменик-министер за финансии Ковачевски, кој, освен партиски лидер, треба да биде и нов премиер.

В.С.

Поврзани новости