Зошто и по цели 75 години на создавање кадри по македонски јазик од страна на Катедрата за македонски јазик нема ниту еден редовен член на Академијата – МАКЕДОНИСТ, кадар излезен од Катедрата за македонски јазик
Пишува Ана ПАНОВСКА
Зошто МАНУ мати вода и претпазливо, но упорно се труди, на чело со претседателот Љупчо Коцарев, со својот формален институционален авторитет што му го дала оваа држава да им се придружи на поткопувачите на македонскиот јазик, македонскиот идентитет, па ако сакате и на македонската држава?
Оваа озборувачка формација, со чест на исклучоци, како да се разбуди од дремежот и така одморена и наспана, орна за работа, молкум му препушти на претседателот Љупчо Коцарев во нејзино име да ја дигне Академијата на највисок степен на аларм. Со тешки конспиративни „информации“ дека НЕКОИ во државава (ќе си нагаѓаме дали УКИМ, дали самиот Филолошки факултет, министерката за образование, Заев…), фронтменот на Академијата, електроинженерот Љупчо Коцарев, ја информира јавноста дека тие НЕКОИ се подготвуваат да ги „укинат, односно, да престанат да постојат катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност на Филолошкиот факултет“.Тој на највпечатлив начин, всушност, го подигна алармот кај македонската јавност дека има нешто многу гнило во леглото на МАНУ.
КОЦАРЕВ КАКО ЈЕРОТИЕ
Кога претседателот на Македонската академија на науките и уметностите ќе ти се пројави со смешниот лик на капетанот Јеротие од „Сомнително лице“ на Нушиќ, кој измислува и конструира „афера“, во случајов, дека во државава се подготвува мрачно сценарио за институционално загрозување на македонскиот јазик, тоа веќе не е ни најмалку смешно, за разлика од ликот.
Сите што имаме два грама школо знаеме дека Јеротие си крои план и си гради лик на некое измислено „сомнително лице“ само за да им се додвори на повисоките инстанци во полицијата за негов личен напредок во кариерата.
Еве сега и јас малку да си поиграм како Јеротие во „Сомнително лице“ и така од високо, со искосен, сомничав поглед да си поставам едно манипулаторско прашање со подли инсинуации кон Коцарев. Кому тој му се додворува кога вели дека „се урива македонистиката на Филолошкиот факултет“, која е таа висока инстанца, повисока дури и од неговата, претседател на МАНУ, што го предизвикала вака јавно да се избламира и да ја избламира институцијата за која работи.
За МАНУ сум пишувала во повеќе наврати, и тоа токму за индолентниот однос на оваа институција кон македонскиот јазик и македонистиката. И која иронија! Дојде ден оваа институција бесрамно преку ноќ да се претвори во најголемиот заштитник на македонскиот јазик!!!
Невкусно е и одвратно во годината на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, основачот на Катедрата за македонски јазик која годинава бележи 75 години од постоењето, да се направи обид големите јубилеи што претстојат да се погнасат и да се инфицираат со блуениците на вакви ликови каков што е сегашниот претседател на МАНУ.
ЛАЖНИОТ ПРОРОК
Добро, Коцарев е млад и жали што не го запознал Блаже Конески. Но јас го знам лично, и како мој професор и приватно како човек. Не сакам да ги повторувам стиховите кој ги кажа Коцарев, зашто да беше Блаже жив ќе речеше: „Ете ви го лажниот пророк!!!“ Место да го обвинува Филолошкиот факултет за уривање на македонистиката, господинот Коцарев најпрво да одговори барем на три основни прашања:
Прво: Зошто во институцијата чијшто претседател е не постои одделение за македонистика? Второ: Зошто македонскиот јазик во МАНУ се третира како посвојче во рамките на општото одделение за лингвистика.
Трето: Зошто и по цели 75 години на создавање кадри по македонски јазик од страна на Катедрата за македонски јазик нема ниту еден редовен член на Академијата – МАКЕДОНИСТ, кадар излезен од Катедрата за македонски јазик???
А? А!… Доста е? Има уште доста слични пикантерии кои го покажуваат лицемерието на МАНУ. Бесмислено е сега некој да ги потсетува академиците да се оградат од ова политикантство или, пак, јавно-приватно партнерство на претседателот на МАНУ при официјален настап од името на Академијата во надлежните тела за подготовка на прославата на големиот јубилеј „Сто години од раѓањето на Блаже Конески“.