Лифтовите во МРТВ ќе се поправат за еден месец, дотогаш пеш и до 18 кат

by fokus

Повеќе од еден месец не работат лифтовите во зградата на МРТВ, па вработените, во неколку државни институции сместени во зградата и странките секој ден по скали се качуваат дури и до 18-от кат. Од неодамна во функција е ставен еден од лифтовите, но поради преоптовареноста и тој откажува од време на време, па пак единствената опција се скалите.

Пеце Мирчевски, директорот на Службата за општи и заеднички работа на Владата, за „Фокус“ појаснува дека лифтовите се расипале поради поплава која се случила во просториите на МВР. Вели и дека Владата одобрила средства за поправка, но мора да се почека набавката на делови.

-Штетата е околу 25.000 евра и средствата се веќе оддобрени од Владата. Сепак, ќе мора да се почека уште малку, бидејќи деловите се нарачани од странство и потребно од четири до шест недели да стигнат. Дотогаш во функција е еден лифт, вели директорот Мирчевски.

Со оглед на ситуацијата, вработените и граѓаните ќе мораат да чекаат ред пред единствениот лифт, пред кој постојано е гужва, а кога ќе се расипе, ќе мораат да се качуваат по скали.

В.В.

Поврзани новости