Левица испрати писмо до СИРИЗА, како идеолошки блиска партија, во кое порачува дека единственото прифатливо решение на спорот околу името треба да биде она што ќе го намали, а не зголеми национализмот во двете земји, соопштија од партијата.
„Кога вашата партија, пред неколку години, ја презеде власта, ние тоа го поздравивме, верувајќи дека конечно дојде на власт партија која ќе работи во интерес на обичниот народ. Исто така, верувавме дека ќе започнат сериозни напори за борба против национализмот во двете земји, кои ќе вклучат, меѓу другото, и решавање на т.н. спор околу името со почитување на принципот на самоопределување и самоиндентификација на народите, што е важен принцип и за левичарите.
Денес, на почетокот на 2018 година, гледаме дека Владата која што ја предводите не е подготвена да ги почитува принципите на самоопределување и самоидентификација и дека активно работи на вклучувањето на Република Македонија во НАТО. Брзоплетиот начин да се „реши“ спорот околу името, без претходна борба против национализмот во двете земји, ќе има исклучително погубни последици за двете наши земји, бидејќи ќе предизвика огромна фрустрација кај граѓаните на двете земји и раѓање на нов агресивен национализам.
Во духот на другарството и солидарноста, отворено ве повикуваме да се воздржите од играњето активна улога во процесот на вклучување на Република Македонија во НАТО и да се борите за решавање на спорот околу името што ќе го намали, а не зголеми национализмот во двете земји и што ќе ги почитува темелните левичарски принципи на самоопределување и самоидентификација на народите”, пишува во писмото од Левица до СИРИЗА.