АРХИВА „Црн понеделник“: Леле, луѓе, што направивте!!!

by Фокус

Текстот е објавен на 28 декември 2012 година во неделникот Фокус.

Вчера изминаа точно 9 години откако беа насилно исфрлени пратениците од опозиција и новинарите од парламентот, за да може тогашната власт непречено да го донесе годишниот буџет.

По тој повод, реобјавуваме текст објавен во неделникот Фокус за еден од најцрните денови за македонската демократија, познат како „црниот понеделник“, за кој никој не понесе одговорност, по што дојде и „крвавиот четврток“.

„И ако ваквата бруталност врз избраните депутати, зад кои, сепак,  стои „каков таков народ“ се прогласува за корисно за државата, тогаш, Господ да ни е на помош во периодот што следува. Ќе нѐ тепаат… за наше добро и уште поголемо добро за „нивниот“ народ. Особено ако тој народ инсистира на тоа…“

Пишувала:
Јадранка КОСТОВА

„Леле, луѓе што направивме!“, беа зборовите проткаени со искреност, неверување, радост, а со кои кошаркарот Влатко Илиевски лани на Евробаскетот ја објасни победата против Литванија, добиена во шокантните последни секунди.

Овие зборови, ама во негативен контекст, ми беа првата реакција откако ги изгледав сцените од млатењето на пратениците од опозицијата од набилдани батки што важат за собраниско обезбедување, но и насилното тегнење на новинарите од галеријата од истите типуси.

И тогаш со мачнина го споделив чувството дека го доживеавме најцрниот ден за македонскиот парламентаризам. Демократијата беше силувана таму каде што, всушност, би требало да е нејзин храм!

Природно е во состојба на шок да почнувате да верувате во невозможното. Како давеник за сламка, се фатив за научнофантастичната опција – дека можеби најмоќниот во државата, Никола Груевски е надвор од овој хорор-филм.

Арно ама, експресно бев вратена во портокаловата реалност. Премиерот ѝ се обрати на нацијата, и овој преседан во светски рамки – полиција да исфрла пратеници (избрани од народот) ни го објасни со, за мене барем, убиствени пофалби. Рече дека „државните безбедносни сили коректно, професионално, одговорно и успешно ја завршија својата работа и овозможија Парламентот да продолжи со работа согласно Уставот и законите”!

И тогаш ми дојде да извикнам: Леле, луѓе што направивте? Не што направивме, туку што направивте! Да бидеме јасни, мислам на премиерот, на претседателот на Собранието Трајко Вељановски, на министерскиот двоец Гордана Јанкулоска Зоран Ставрески.

Министерот за финансии затоа што со движења на рацете како сообраќаен полицаец, а во улога на оперативен командант на акцијата „џигеросај ги непријателските пратеници“, дури и ја забрзуваше. Небаре, секоја секунда беше од животна важност за да влеземе во Гинисовата книга на „демократски“ рекорди.

Пратениците од мнозинството мирно гледаа, мислиш садистички уживаат во неповторливоста на мигот. Да имаа поинакви емоции, сигурно ќе пуштеа глас, ќе шепнеа барем нешто против бруталноста.

По ваквите „одјеци и реаговања“ од власта (рубрика во белградска „Политика“ каде што месни заедници, граѓани и работни луѓе просто се тепаа кој повеќе да ја поддржи фракцијата на Милошевиќ), со жалење можам да заклучам дека црно ни се пишува во новата 2013 година!

ЌЕ ИЗГЛАСААТ И СОЈУЗ СО БЕЛОРУСИЈА

Зошто овие сцени, кои го разголија теророт, снимен од пратеничката Маринела Тушевска, се солиден материјал за црнилата што допрва ќе следат за сите што не се дел од народот на кој Груевски постојано се повикува и зад кој редовно се затскрива – нивните 400 и кусур илјади гласачи?

Кога една власт ја троши веќе седмата година, а константно и катадневно кукумјавчи за лошата опозиција, што ја претставуваат како предавничка и пучистичка, тоа е доволен показател дека нешто не е во ред, ама со владата, да речам страховладата.

Се креира црно-белата слика дека властодршците и нивните поданици се чесни и патриоти, а инакумислечките и лидерите на опозициските партии се жигосуваат како ѓаволи и криминалци. Се разбира, доколку веќе не се во затвор.

Ќе ја објаснам оваа прогноза со неколку тези. Прво, веќе не постои ниту една единствена институција која ќе има храброст да утврди поинаква вистина од онаа што ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ја соопштија и ќе ја соопштуваат. Сите се под нивна целосна контрола.

Откако и Уставниот суд го спортокалија според законот, со пендреци ја освоија и последната оаза на нашата демократура – токму законодавниот дом. Веќе и тој е препороден.

Собранискиот канал беше ретката фреквенција каде што слушавме контраставови – пола пола, што би се рекло. Сега на раат ќе си штанцаат закони без да ги нервираат опозициските „предавници“. Ќе помине сѐ што ќе произлезе од владините одаи. Ако наумат, без амандмански или вербални забелешки, може комотно да изгласаат и сојуз со Белорусија.

Е, не запишале во манифестот, ама, нели, остваруваат дури и нешто што не ветиле, што ни доаѓа како гратис од власта. Кој ќе им писне? Уставен суд, Антикорупциска, јавно обвинителство, судство, државниот ревизор? Кој? Сите се веќе скроени по мерка на стандардите на Никола Груевски.

Или, што повеќе да се каже, освен дека беше како  сцена од Монти Пајтон, кога откако ги џигеросаа пратениците од опозицијата, реизбраниот НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ, се одѕива на името Иџет Мемети, мртов ладен, просто да не ти се верува, љубезно се заблагодари што од буџетот добил повеќе пари.

Истепаните сега нека му се пожалат да ги брани! Туку, тој не е пратенички правобранител, туку е народен. А народот е со Груевски. Нели, Бранко едвај има 3.000 приврзаници, и тоа не е народ. Или оние 370 илјади што гласале за фронтот што го предводи, не се народ достоен за почит!?

Да заклучам, ако „цело е кога имаш сѐ“, Груевски веќе има сѐ!

НАШ И ВАШ НАРОД!

Второ, што загрижува е што веќе по правило, а не инцидентно, тепачките си ги прогласуваат за голема доблест, победа и успех. Завивајќи го тоа со интересите на народот, или согласно Уставот. Ете, експресно пресудија дека „млатењето“ пратеници и тоа во Собранието било професионално и законски.

Кога тие тепаат или службите согласно нивните наредби – тоа е во одбрана на државата. Кога ноктот на Благородна ќе го скршат „мрсниците“, тоа е терористички акт кон народен избраник.

И она што го сметам за сериозен симптом е што по вторпат слушнавме фалби за партискиот вмровски „окршај“ во Панорама кога се тепале груевци и љубчовци, во 2005 година. Првпат тоа го слушнавме од Илија Димовски, кога во собрание на опозицијата ѝ советуваше рецепт за справување со Бранко. Демек „панорама“ им донела корисно прочистување. И сега и Груевски го истакна овој ист „трофеј“.

„Сум издржал многу, сум поминал сѐ и сешто во мојот живот. Впрочем се сеќавате, Панорама не беше така далеку, а исто така и притисоците за промена на името не се случуваа одамна. Но, и во двата случаи опстојав заради една работа: Народот беше со мене, потенцираше Груевски во понеделничкото обраќање до нацијата, пропуштајќи да дополни дека во Панорама пресудија обезбедувачите.

Тепачите што беа со него изгледа беа посилни од оние на Љубчо. Сега, пак, со него беше цела полиција. Народот, барем во Панорама и во Собранието не го видовме! Беа надвор, ама сите не беа со него!

Значи, насилството врз народни избраници, кои уживаат имунитет, а не беа затечени во кривично дело за кое се заканува затвор над 5 години, замислете, беше дури поздравено со аплауз, небаре се во гладијаторска  арена, а не во парламент.

Туку, нема да ме изненади доколку и сликањето со мобилен на Маринела биде прогласено, а со тоа и осудено како тешко дело против народот и државата.

Сетики бев убедена дека во светот парламентарното обезбедување само ги раздвојува пратениците од тензични ситуации со висок ризик, освен ако немаат оружје. Оти и тие се луѓе од крв и месо.

Кај нас, пак, оваа структура прерасна во специјална единица за насилно физичко дисциплинирање – отсек опозициски пратеници. Зашто сал тие, и по дефиниција се загрозувачки елемент по државната безбедност. Аууу, имам и конструктивен предлог – ова да влезе во преамбулата на Уставот.

И ако ваквата бруталност врз избраните депутати, зад кои, сепак, стои „каков таков народ“ се прогласува за корисно за државата, тогаш, Господ да ни е на помош во периодот што следува. Ќе нѐ тепаат… за наше добро и уште поголемо добро за „нивниот“ народ. Особено ако тој народ инсистира на тоа.

Не знам зошто, ама се присетив кога Милошевиќ го затвори косовскиот лидер Азем Власи. Не оти тој тоа го сакаше де, туку народот скандираше пред српското собрание „Ухапсите Власија, ухапсите Власија“. И Вождот само ја исполни желбата на народот.

Само чекам кога „народот“ ќе почне со извикувачки сеанси пред Владата – ултимативно да се уапси Бранко и сета багра околу него! И не може чистокрвен преродбеник да одолее на ваквите народни барања.

БРОЈКИ И КОМПРОМИСИ

Трет загрижувачки елемент е што владејачката филозофија се темели на бројки. И тоа само оние што ним им одговараат. Со нив мафтаат, нив ги обесуваат во рекламните спотови, тие им се адут дури и за секоја „брљотка“.

Оние другите, или не ги знаат, или се државна тајна, или, едноставно ги бојкотираат. Како да се на шведски стол, од кој се послужуваат само со мезето што им е по нивен вкус.

На пример, нивните 430 илјади добиени гласови како да ги сметаат дека се карт бланш да прават се што сакаат и да ги  сатанизираат поразените, ама и оние кои го бојкотирале изборниот процес, иако станува збор за над еден милион луѓе.

Во демократските системи власта ја добива победникот, но тоа не значи тортура врз малцинството зашто тоа е својствено за едни други режими.

Во тој контекст, индикативно е колку Груевски инсистира да освои апсолутно мнозинство во парламентот, со образложение – за да не го уценувале!

Па, демократијата значи и компромиси. Зашто максималното игнорирање на опозицијата, сведувајќи ја да биде декор, како и останатите контролни институции, само затоа дека си победил, постепено води кон диктатура.

За илустрација, светската политичка икона на 20 век, Винстон Черчил бил човек што се водел со високи демократски принципи, како што некогаш мудруваше и актуелната евроинтеграторка Арифи. Докажал дека големите политички победи лежат во мудроста на преговарањето и во достојните компромиси.

Но, добро е барем што Теута никогаш немала илузии дека од политичките лидери на малите народи може да се изродат черчили, бидејќи „немаат ниту таков интелектуален габарит, а уште помалку вистинска храброст за големи политички чекори“. Можеби во меѓувреме го смени мислењето откако премиерот во чија влада е министер, ѝ се виде черчиловски тип.

Само што амнестијата на хашките злосторства, еден од ретките компромиси на Груевски, никогаш не би го сместила во „достоен компромис“. Компромисите со помалите коалициски партнери, пак, не се ни достојни за коментар. Оти се сведуваат само на поделба на функции и директорски места, ем вработувања на партиските војници.

Но, да се вратам на бројките. Ако зад коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ застанале околу 430 илјади граѓани, толку можеш да избориш и кај сега опозициските партии собрани во Фронтот. Уште повеќе се оние кои не гласаат за никого, оти не го бендисуваат ниту Груевски ниту Бранко.

И сега, излегува дека секој си има свој народ. Ама народот зад Груевски е вистински народ, за разлика од огромното мнозинство државјани на Македонија. И дојдовме до тоа дереџе, така поделениот народ да се мрази до неподносливост. Со оваа придобивка од преродбата ептен нѐ реформираа!

АКО ЗА 200 МИЛИОНИ ТЕПАА ПРАТЕНИЦИ, ЗА 500 МИЛИОНИ МОЖЕБИ ЌЕ СТРЕЛААТ?!

Четврта инспиративна карактеристика им се манипулативните техники, кои им се напреднати до навредливост за секој мислечки човек. За „нивниот“ народ веројатно се аргумент повеќе за реформите што цветаат.

Конкретно, ќе беше доблесно груевци да ги бранат оние 200 милиони евра плус, кои опозицијата бараше да се скусат од буџетот тежок околу 2,7 милијарди евра, со искрени и вистински факти.

Да објаснат зошто се од животна важност за државата милионите за реклами, појачани дневници, мебел, споменици, наместо што се поиграа со пензионерите, социјалците и студентите. Заради финансиски бенефити на функционерите или некоја друга партиска „придобивка“, ги користеа омилените целни групи за секои избори.

Уште пожално е што за на улица регрутираат народ зависен од нивната милост демек, оти народните пари од сиот народ им е ним даден за управување. Кутрите, не смеат да кажат не, за да не останат без леб.

Директори да тераат вработени да протестираат, е огавно. Да користиш позиција, добиена од партиската кујна, за оние под тебе да играат по твоите „сугестии“!? И тоа е согласно Устав и закон? Чесно и демохристијански!?

И за буџет од 2,7 милијарди евра, за кој стана „или ич или брич“ за да не се скусат токму тие непродуктивните 200 милиони, потепаа пратеници, влечеа новинари во Законодавниот дом, нели – согласно законот.

Добро е што опозицијата не побара да се намали половина милијарда, оти тогаш можеби и ќе стрелаа. Впрочем, нели, сѐ е во бројките и во нивната големина!

И после овие карактеристики на владејачката филозофија за народот, власта, компромисот, бројките, насилството, се спакувано во рамките на „согласно уставот и законите“, а сега и деловникот, наивно е да се очекува дека нѐ очекува добра година. Барем поголемиот дел од народот. Секој преседан што со ваква леснотија се проголтува, потоа станува правило кое се проширува и надградува.

Во полнокрвните демократии, после оној хорор во парламентот, пратениците од мнозинството ќе бараа да се расчисти одговорноста за насилството од полицијата врз колегите пратеници. Потоа со чист образ можеа да ги прозиваат за нивното однесување.

Но, оваа опција звучи како лош виц за нашиот амбиент. Тие ќе продолжат сложно, братски и бескрупулозно да го „раскринкуваат“ инакумислечкиот народ.

Ако судбината на Љубе е „рекламен спот“ што ги чека жестоките опозициски лидери, завршницата на Велија Рамковски е наравоучение за медиумските газди доколку забегаат од портокаловиот курс.

Сега, доколку евентуално и некој пратеник помислил дека во парламентот „се претера“, само нека се сети што ги снајде колегите од спротивниот табор како педагошка мерка.

Впрочем, премиерот веќе вети дека и потенцираше дека се подготвени за сите можни сценарија ( на опозицијата, де, кои по дефиниција се пучистички).

И без да цитирам, самите погодувате дека оваа нивна подготвеност е „со цел заштита на интересите на граѓаните и заштита на уставот и законите“! А да реплицираш „немој чичко не ме брани“, не оди, оти веќе реков дека има народ и народ, граѓани и граѓани. Не сме сите исти!

Да не звучам дефетистички иако е песимистички, излезот е во граѓанската совест за отпор. Денес кон овој режим, утре кон тие што ќе дојдат после вмровците.

Оние кои што се лигават за некаква поделена одговорност (што му доаѓа си заслужија да ги џигеросаат ама не мораше толку) е  само кукавички конформизам, еднакво опасен за убиената демократија. Не за оваа што сега ни ја инсталираа полициски!

П.С.

За да бидам во тренд, превентивно изразувам жалење ако сторив некоја опасна антидржавна дума. Само се угледав на премиерот и на претседателот, кои, нели, пост фестум изразија жалење што новинарите биле евакуирани од собраниската галерија. Едноставно, ме заведе владината реклама „Ослободи го срцето“!


Курирски 10 факти
ГАДАФИ НЕ БИЛ ДИКТАТОР?!

Откако во минатонеделната колумна во дневен „Фокус“, Стефче Јакимовски му порача на Груевски дека го чека арапска пролет, нарекувајќи го Гадафи, следуваше вратка од премиерот. Според него Црвенковски „продолжува во стилот на Гадафи“. И сега, кој е лошиот Гадафи: Никола или Бранко?

Не така одамна, пред само една години, најверниот медиумски курир на ВМРО-ДПМНЕ нѐ почести со десет факти дека Гадафи не бил диктатор. Додуша, ни оставија сами да процениме „дали уживањето на вакви поволности е диктатура“.

И следуваше: бесплатна електрична енергија, бесплатно образование и лекарски третмани, за секое родено дете по 5.000 долари за мајката, или дека 25 отсто од Либијците имале завршен факултет. Сепак, да го споменам и фактот дека „Гадафи ветил дека секој Либиец ќе има покрив на главата“. Ветил и тоа е факт.

Но, сето ова доволно говори колку ни се различни поимањата на демократијата. Да, драги курири на преродбата, нешто ветил, бајаги и остварил, но, Либијците, сепак, се побунија барајќи слобода. Ама, читајќи ги 10-те факти, се туку ми доаѓа помислата дека преродбата црпела инспирација од програмата на Гадафи. Нo, ете, сега Бранко испадна Гадафи!


Теута АРИФИ некогаш, ама за Деловникот
ГО ИЗГЛАСАА КАКО ШВЕРЦУВАНА СТОКА НА ЦРН ПАЗАР

Добро рекле – дај му власт, за да видиш што човек е!

Опозиционерката Теута Арифи солзи лееше што ВМРО-ДПМНЕ од Собранието прават безначајна и безвредна институција. Ги обвини дека автократски го поимаат парламентот, „што води кон демократура како прв чекор во вистинска диктатура“.

А, што тогаш толку ја вознемири демократката Арифи за јавно да го констатира немањето демократски код на ВМРО-ДПМНЕ? Експресното изгласување на Деловникот.

„Вметнувањето на деловникот како точка на дневниот ред на самиот почеток на седницата по шверцерски систем, зборува за тоа колку не се дораснати некои демократски вредности. Единствениот документ што ги засега сите парламентарни партии, најмалку заслужува да биде третиран како шверцувана стока на црн пазар“ – пишуваше Арифи.

Ако деловникот е важен за парламентарните парти, буџетот е важен за сите граѓани. И уште се прошверцува со насилство врз пратениците!


Хермафродитски став
НИ МАЖ, НИ ЖЕНА НЕМА ПРАВО ДА ЈА УРИВА ДРЖАВАВА

Требаше да минат 48 часа, за конечно јавно да се огласи пратеничката Лилјана Поповска. И нѐ просветли дека „ниту маж ниту жена нема право да ја урива државата“!

Јас, пак, мислев дека жените имаат вакво право. Но, вака дешифриравме барем дека Маринела, Радмила и Весна во Собранието ја уриваа државата! А тоа што ги скршија од мавање, Лиле препорачува дека е подобро да се заборави!?

И по овој хермафродитски став на оваa активистка за женските права, изгледа единствен спас е да си го сменам полот. Зашто на тие од власта, ништо не им можеш, а срамно ми е вакви да се декларираат како лобисти за женски права!

Поврзани новости