Лекар од Кавадарци со денови одел на работа наместо да се изолира, откако ќерка му се вратила од патување од Италија

by fokus

Обвинителството бара казна за лекар од кавадаречката болница кој, спротивно на препораките, наместо да седи во домашна изолација бидејќи неговата ќерка била на патување во Италија, со денови одел на работа, а заедно со ќерка му правеле и анализи во амбуланта.

– Обвинетиот, лекар во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кавадарци, постапувал спротивно на Одлуката донесена на 12-та седница на Владата на Република Северна Македонија од 28.02.2020 година, според која сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, доколку во последните две недели патувале или живеат со некој што патувал во ризична земја за ширење на коронавирусот Ковид-19, треба да не доаѓаат на работа и за тоа да ја известат институцијата во која работат, се наведув во соопштението од Обвинителството.

Имено, и покрај упатствата дадени директно од страна на специјалист-епидемиолог да останат целото семејство во домашна изолација од 14 дена поради патувањето на нивната ќерка, која на 6 март се вратила од Италија, обвинетиот во периодот од 10 март до 20 март продолжил да оди на работа во болницата каде е вработен како доктор. На 10 март заедно со неговата ќерка правеле анализи на Одделот за микробиологија и биле во амбулантата за уво, нос и грло во Кавадарци.

Основното јавно обвинителство Кавадарци му предложил на Основниот суд во Кавадарци на обвинетиот да му изрече парична казна во износ од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде одредена во износ од по 45 евра во денарска противвредност.

Претпладнево излезе информација дека јавен функционер од Кавадарци е позитивен на корона вирус, а неговата жена е лекарка во болницата во Кавадараци.

Поврзани новости