Лани речиси половина милион Македонци ја посетиле Грција

by fokus

Со нешто помалку од половина милион посетители, Северна Македонија е на 11-то место меѓу топ 15 земји со најголем број посетители во Грција за 2021 година, согласно анализата на Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ), јави дописничката на МИА од Атина.

Под наслов „Кој каде оди? Колку долго останува? Колку троши?“, ИНСЕТЕ ги анализира официјалните податоци од Банката на Грција за туризмот минатата година, а поконкретно се фокусира на бројот на туристи во секој од 13-те грчки региони.

Првите 15 земји со најголем број посети и посетители на Грција се Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Полска, Романија, Холандија, САД, Кипар, Северна Македонија, Швајцарија, Австрија, Србија и Белгија.

Конкретно за Северна Македонија, минатата година, бројот на посетители е речиси двојно помал (за 49,4 отсто) во споредба со 2019 година, односно 479.000 посетители лани, наспроти 948.000 пред три години.

Во 2019 имало 962.000 посети од нашата земја, наспроти 480.000 посети лани, а мнозинството посети се во северниот дел на Грција.

Согласно податоците и анализите, нашата земја е непроменета на 11-та позиција. Од земјите од регионот, пред нас е Бугарија, на петто место, а зад нас Србија на 14 место.

Поврзани новости