Лани бевме наградени за најлошо облечени на Евровизија, годинава Ношпал ги зеде конците во свои раце

by fokus

Ако минатата година на Евросонг нашите претставници, групата ,,Ај кју” официјално се здоби со наградата за најлошо облечени изведувачи – Барбара Декс, годинава уште за време на првата тонска проба во Тел Авив годинашната претставничка Тамара Тодевска воодушеви со стајлингот.

На страниците посветени на музичката манифестација таа доби голем број на комплименти за модната креација со која ќе настапи во Експо-центарот во Тел Авив, на 16-ти мај, на втората полуфинална вечер. Долгиот зелен фустан е дело на модниот дизјанер Александар Ношпал. Изработен е од сатен и црн тул во горниот дел. Свилениот сатен дишес кој бил употребен за изработката на фустанот бил долг 12 метри, а бил купен од Германија.

Едноставен, а сепак гламурозен изглед – е впечатокот кој го остави Тодевска кај публиката. Ова не е прв пат Ношпал да се погрижи за гардеробата на наши претставници на Евровизија. Тој го дизајнираше и познатото црвено здолниште од богат тул со златен корсет на Каролина, како симболика на боите на нашето знаме, кога во 2002 година Гочева настапи со песната ,,Од нас зависи”.

На почетокот на песната таа беше покриена со ткаенина во потемна боја, која на почетокот на рефренот ја фрли на земја и ја откри црвено – златната комбинација. Потоа, се најде на официјалната страница на Евровизија како пејачка со најзапаметена промена на фустан на сцената. И покрај оригиналната тоалета, таа година завршивме на 19-то место и не влеговме во финале.

Лани пак, наградата за најлошо облечени претставници ја добивме благодарение на креаторот Алек Билбилоски од Охрид. По критиките на социјалните мрежи на сметка на гардеробата на нашите претставници, тој се огласи на својот Фејсбук профил и порача дека си го остварил сонот.

-До сите хејтери, не бевте ниту пак ќе бидете на ваков настан, да видете што се случува. Не сте вредни за моето време, најдете си живот, негативноста убива – порача дизајнерот на официјално најлошиот стајлинг на Евровизија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости