Ланате трујачите не запираат, нов случај во Тиквешијата: Треба ли да настрада и дете?

by Fokus

Пред три дена во Глишиќ, Кавадарци, ланате трујач расфрлил од смртоносниот отров во населбата, а парчето салама со ланате било фатално за Белка, маалско куче кое починало во тешка агонија.

Активисти од локалните здруженија за заштита на животните информираат дека повикале полиција и бил извршен увид, и упатија јавен апел до надлежните институции да им се стави крај на трујачите кои непречено оперираат со години наназад, и очигледно не се сфаќа сериозно опасноста од расфрлањето на разорен отров на јавни површини, што претставува кривично дело.

-Јавно упатуваме АПЕЛ до сите надлежни да реагираат по закон, за испуштање на отровни супстанци на јавна и приватна површина, и бараме одговорност, да се пронајде лицето и да се казни.

До сите здруженија за миленици, Еко здруженија, споделувајте.

Јавно обвинителство, ветеринарни инспектори, комунални инспектори, сите ќе мора да превземете нешто и ова да се санкционира.
За било каква информација, која би ја имале за сторителот известе не, или нас, или директно надлежните органи.

Настрада најмирно куче, кое ни верува на нас луѓето-порачаа од здруженијата „Шепи-2021“ и „Спаси живот, добиј живот, помогни на животните“ од Кавадарци.

Објавени се и фотографии од отруеното маалско куче за кое локалните жители велат дека било мирно и никогаш не се случило некого да нападне. Исто така, објавени се и фотографии од саламата на која уште стои дел од отровот, како и ќесата и пластичната стега која трујачот ја користел најверојатно за не ја допира затруената храна со раце.

Труењето со еден од најсилните отрови – ланате, средство кое е кај нас забрането со закон, а во минатото се користело за заштита на земјоделски култури, се актуелизираше во земјава минатиот месец, кога семејство од Скопје се затру со отровот, кој завршил во домашно приготвена храна. Починаа две жени, а едно лице во тешка состојба беше хоспитализирано. Првичните информации кои ги споделија лица блиски на затруената фамилија беа дека семејството го чувало отровот за да труе глувци, и по грешка ланетото завршило во пита со праз.

Пораките на совесните граѓани и голем број на здруженија за заштита на животните, кои со години наназад предупредуваат дека мора да се стави крај на труењето со ланате на животни, кое е редовна пракса низ цела земја, а посебно во Тиквешијата, каде отровот е широко распространет, наводно бидејќи земјоделци и покрај забраната го користеле за прскање, и покрај огромната опасност, очигледно дека не стигаат до надлежните служби.

Нема официјални податоци за случај кога ланате трујач бил приведен и кој одговарал на суд.

Од здруженијата за заштита на животните отворено прашуваат зошто е тоа така и зошто не се посветува сериозно внимание на овие случаи, кога законот е дециден, станува збор за кривично дело предизвикување на општа опасност од член 288, но и кривично дело мачење на животни од член 233. За кривичното дело предизвикување на општа опасност, каде законодавецот ја штити сигурноста и безбедноста на имотот и луѓето, полицијата и јавното обвинителство се должни да постапуваат по службена должност.

За предизвикување на општа опасност е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години, а пак за мачење на животни и суров третман, предвидена е парична казна или затвор до шест месеци.

Јавноста се сеќава и на случајот со масовно труење на голем број на миленици кое се случи во Неготино на почетокот на јануари годинава. Беа отруени голем број на кучиња и мачки, а сопственик на едно од отруените кучиња го пријави настанот во полиција. Тоа што на видео камера од објект во околината каде се случи труењето беше снимено лицето кое го остава ќесето со храна, од кое јадеа кучињата кои по десеттина минути починаа во агонија, им даде надеж на граѓаните дека конечно ланате трујач ќе биде изведен пред лицето на правдата.

„Фокус“ информираше за случајот во неколку наврати, но за истиот до денес нема разрешница.

Како што ни изјавија од ОЈО Кавадарци минатиот месец, обдукцијата потврдила дека кучето било отруено со ланате, јак и брзоделувачки отров. Истакнаа дека предметот е во предистражна постапка, доставени се докази во вид на видео снимки, но нема пријава.

Причина за тоа било што органот за идентификација на СВР Неготино не поднел кривична пријава, бидејќи како што појаснија од обвинителството, лицето не можеле прецизно да го идентификуваат.

Но, наспроти тие тврдења, лицето на снимките беше веднаш препознаено од страна на лица чии кучиња беа отруени, како и на лица кои имаат објекти во соседството каде се случи труењето, бидејќи по труењето самите барале да ги прегледаат снимките од камерите во објектите во близина, за да дознаат кој ја направи кланицата која резултираше со повеќе отруени кучиња, мачки, па дури и гулаби кои колвале од храната со ланате оставена покрај контејнер.

Околу тоа колку голема опасност претставува овој отров, „Фокус“ пишуваше и минатиот месец, по труењето на скопското семејство.

Агрономи појаснуваа дека се работи за разорен инсектицид, бел многу ситен прав, сличен на брашно, без мирис. Затоа и кучињата биле чести жртви, бидејќи не се чувствувал мирис. Појаснија дека смртта предизвикана од ланате е тешка агонија, и доволно била многу мала количина за да настапи смрт. Како споредба појаснуваа дека во минатото, кога не бил забранет во земјава, сто грама прав се растврале во 200 литри вода, поради јачината, а растворот се користел за прскање на лозјата, но и на зелка, домати и друго.

Како забранет отров може да биде широко распространет и да биде причина за смрт во тешки маки на голем број на кучиња, а истовремено да се загрозува и јавната безбедност? Неофицијално, во земјава го носеле шофери од Турција, бидејќи помеѓу земјоделците се уште бил најпопуларно средство за прскање на земјоделски култури, а се продавал по околу 1.000 денари за сто грама. Во минатото, кога легално се продавал во земјоделски аптеки, цената за сто грама била околу 240 денари. Своевремено се произведувал и во ,,Охис” во течна состојба, разреден.

Минатата година жена од Неготино, каде се чести труењата со ланате, се обрати во „Фокус“ и вознемирено раскажа дека многу маалски мачки биле отруени, а нејзината мачка дома и донела парче салама со ланате. Револтирано прашуваше кој ќе одговара доколку внучето го ставело отровното парче храна во уста.
Премногу вознемирувачки настани, а одговорни лица нема.

-Еден ланате трујач да биде фатен и казнет, сите останати добро ќе се замислат дали некогаш ќе се осмелат да расфрлаат отров на јавни површини и да предизвикаат јавна опасност – едногласни се активистите од здруженијата за заштита на животните кои бараат итна реакција по повод последното труење во населбата Глишиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости