Лага за крај, со надеж за нов почеток!

by Фокус

Пишува
Џелал ХОЏИЌ

Како се наближуваат изборите, така провладините медиуми ќе бидат поагресивни во одработувањето за фамилијата на власт. ДПМНЕ има за цел повторно да освои 62 пратеници, со изговор за да владееле неприкосновено, без уцени и закани од коалицискиот партнер. А, зар досега имаа проблем во владеењето?

Дали во последните пет години од владеењето на оваа коалиција на власт вие имате забележано закани и уцени? ДПМНЕ веќе со години ја има апсолутната власт во свои раце. Апсолутна власт како на централно, така и на локално ниво. Сите замислени политики ги спроведоа.

Фамилијата владее со Македонија без никакви пречки. Коалицијата функционира беспрекорно дури и по распуштањето на Собранието, а ќе функционира и во изборната кампања!

НАЦИОНАЛИЗМОТ, ЕДИНСТВЕН ИЗВОР НА ГЛАСОВИ

Поради сè поголемата сиромаштија, поради блокираните ЕУ и НАТО интеграции, поради лошата состојба на економијата, поради пропаднатите реформи во здравството, образованието и судството, поради лошите состојби во државата, кои се последица на лошите политики на премиерот и министрите, оваа кампања ќе биде одбележана со национализам од двете владејачки партии.

Национализмот ќе им биде единствен извор на гласови. Националистичката реторика меѓу ДПМНЕ и ДУИ ќе се вжештува од ден во ден, сè до тој степен таа да стане единствена тема на провладините медиуми. Таквата реторика ќе биде од заемна помош.

Национализмот на ДУИ ќе му помогне на ДПМНЕ да си ги мобилизира членовите против „внатрешниот најголем непријател“, со надеж дека ќе го повторат резултатот. ДУИ се надева дека национализмот на ДПМНЕ, исто така, ним ќе им помогне во обидот да освојат повеќе од стандардните 115.000 гласа.

Сепак, многу е важно да се потенцира дека оваа љубов меѓу двата коалициски партнера е од чисто прагматична природа; создаваат заедничка агенда која во моментот им е приоритет како единствен излез поради нивното лошо владеење. Груевски и Ахмети трчаат заедничка трка, врзани за нозете еден до друг. Тоа за нив и не е баш пријатна ситуација.

И двајцата пред гласачкиот електорат мора да покажат дека не се сакаат, а координацијата околу националистичката реторика, и покрај тоа што заслепува огромна толпа на луѓе, бива препознаена од дел од нивното гласачко тело. Додека ја трчаат оваа трка, така врзани еден до друг, тие ќе мораат и да трчаат заедно, но и да се маваат со рацете толку, за публиката да види дека се маваат, а притоа тоа да ни им пречи во заедничкото трчање.

КОЈ КОГО ЌЕ УЦЕНУВА?

Ваквата ситуација произведува природна желба да се спасат едни од други, но прагматичноста не им дозволува емоциите да им преовладеат. Тепањето со раце, додека заедно мораат да трчаат со врзани нозе, изгледа вака: интересите на ДПМНЕ се двете најголеми албански политички партии да бидат со приближен резултат на парламентарните избори, за да можат по изборите да ја уценуваат албанската партија во власта, со закана дека ако не е послушна тогаш ќе биде заменета со опозициската албанска партија. Тоа би значело повеќе тендери за фамилијата.

Тука фамилијата за свој џокер ја има ДПА, која ќе се обиде да дојде до над 90.000 гласови. Интересите на ДУИ се да победи убедливо на изборите, со што поголема разлика пред ДПА, за да бидат партија без која не може да се создаде влада.

Во таква ситуација, ДУИ би можел и да се ослободи од канџите на фамилијата ако СДСМ направи ист или подобар резултат. За таа цел, ДУИ ќе се обиде да коалицира со партијата на Руфи Османи и со ПЕИ. Доколку се договорат, таа коалиција би тежела повеќе од 160.000 гласа, што ќе биде доволна гаранција за влез во власта. А, доколку СДСМ се доближи до ДПМНЕ, тогаш ДУИ ќе биде во можност да ја уценува македонската владејачка партија.

Ако овие сценарија не се остварат, ние по изборите пак ќе гледаме коалиција меѓу ДПМНЕ и ДУИ, а тендерската љубов ќе продолжи додека Македонија и натаму ќе заостанува во патот кон евроатлантските интеграции и ќе оди наназад во демократските процеси. Таквата ситуација не е одржлива на среден и на долг рок.

Македонија се наоѓа во слободен пад. Прашање на време е кога ќе треснеме сите заедно од земја, а тоа ќе биде болно искуство. Овие избори ќе бидат уште еден тест за целото општество. Во каков хорор-филм ќе се најде Македонија ако фамилијата успее да издејствува 62 пратеници е страшно дури и да се помисли!

Поврзани новости