Кои руски олигарси го контролираат парното греење во Скопје?

by Фокус

Текстот е објавен на 29 јуни 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 887

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Поминаа повеќе од пет години откога во новинските редакции стигна известување дека Зоран Ставрески ќе најави нешто многу важно. И, како што обично се случува, новинарите се собраа во владината зграда каде што повеќе од половина час доцнеше најавениот настап на вицепремиерот. Сѐ беше направено со голема помпа за да се добие впечаток дека нешто навистина крупно се случува. Така почна и говорот на Ставрески, за на крајот со половина уста да соопшти оти во Македонија влегува „Сименс”, кој, верувале или не, ќе вработи 10 до 15 луѓе.

Навистина не знаеме како се развива оваа инвестиција и колку луѓе денес програмираат во софтверскиот центар на „Сименс”, но се враќаме во минатото за да илустрираме една, во најмала рака, чудна ситуација.

Ако владата и ден-денес знае од мравка да направи слон, кога е во прашање странскиот капитал, навистина е неверојатно тоа што премиерот Никола Груевски го премолчи влегувањето на руската енергетска компанија „Синтез груп” во скопска „Топлификација”. Едноставно, како воопшто да не се случи тргувањето со акциите што Русите ги чинеше 3,7 милиони евра!?

РУСИ ОД КИПАР

Немаше ниту групна прес-конференција, ниту, пак, Македонската телевизија вртеше сензационални телопи за време на цртаните филмови, како што МТВ има навика да прави. Доколку го погледнете соопштението што по повод трансакцијата го прати Централниот депозитар за хартии од вредност, малку од малку работите стануваат јасни.

„Кардикор инвестментс лимитед” од пред десетина дена е најголемиот поединечен акционер во „Топлификација” откако откупи 16,44 отсто од акциите кои беа во посед на словенечкиот фонд „Потеза”. Оваа компанија е регистрирана на Кипар, и тоа во вториот по големина град Лимасол, додека барем на интернет не постојат други информации за мистериозната „Кардикор”.

Во македонските медиуми проструи шпекулацијата, дека зад Кипраните стои рускиот енергетски гигант „Синтез груп”, кој од поодамна со скопска „Топлификација” ја поседува домашната гасна централа „Те-то”. Весникот „Капитал” објави дека, иако уште не се знае чија е „Кардикор”, неодамна претседателот на „Синтез”, Леонид Лебедев, се сретнал лично со премиерот Никола Груевски и со дел од министрите од економските ресори.

Нашето интернет-истражување нѐ одведе до минатогодишниот извештај за работата на најголемата топлификација во северна Русија „ТГК-2″, која всушност е дел од „Синтез груп”, каде што прв човек е сенаторот од Чувашија, Леонид Лебедев Патем, Република Чувашија е составен дел од Руската Федерација и се наоѓа во централниот дел на европска Русија со околу милион и 200.000 жители.

Во документот составен на руски, кој може да се најде преку Гугл, пишува дека кипарската „Кардикор инвестментс лимитед” спаѓа меѓу оние фирми што се подолгорочни должници на синтезовата „ТГК-2″, односно, дека борчат нешто повеќе околу три милиони рубљи или стотина илјади долари. Дополнително, пролетоска руските медиуми објавија дека судот во кипарскиот град Лимасол го замрзнал имотот на Лебедев вреден 180 милиони долари по барање на една германска банка.

Иако овие информации не докажуваат дека Лебедев и Русите стојат зад кипарската компанија, сепак, сугерираат оти „Синтез” има некакви релации со фамозната фирма од Лимасол и дека шпекулациите за кипарските Руси не биле без основа!

ТОПЛИФИКАТОР ОБВИНУВАН ЗА ШВЕРЦ СО ОРУЖЈЕ ВО ЈУГОСЛАВИЈА

Интересно е колку информации може да се најдат на интернет во врска со фамозниот претседател на „Синтез” Леонид Лебедев, а особено е интригантен податокот дека бил во средиштето на еден мега скандал со шверц на оружје за време на војната во Босна и Херцеговина. Британскиот весник „Гардијан” во 2001 година објави текст во кој раскажува за скандалот што се случил во Венеција пред точно 18 години.

Имено, НАТО силите на бродот „Јадран експрес” откриле дека нелегално се пренесуваат 30.000 калашњикови, 400 обични и 10.000 противтенковски проектили и милиони парчиња друга муниција. Весникот пишува оти оружјето потекнувало од Украина, а било наменето за фронтот во Босна и дека главни во шверцот биле Украинецот Димитри Стрешински и неговата компанија „Глобал технолоџи интернешнел”.

Понатаму „Гардијан” открива дека Стрешински во раните 1990-ти бил еден од четворицата директори во „Синтез” (тогаш нафтена компанија) заедно со Британецот роден во Москва Марк Гарбер, Александар Жуков и токму Леонид Лебедев.

Истрагата на италијанските институции, која следела по заплената на бродот, покажала дека плаќањето на оружјето одело преку сметките на две компании сместени на офшор-островот Џерси, кој се наоѓа во водите меѓу Британија и Франција. На едната директор бил Стрешински, додека во другата како управител се јавува токму Лебедев.

Во 1999 година, Стрешински бил уапсен во Германија, токму поради заплената на „Јадран експрес” и бил екстрадиран во Италија. Признал дека е вмешан во скандалот, но објаснил дека конците ги влечат Гарбер и Жуков, по што во 2001 година во Италија бил уапсен и Жуков додека престојувал во својата вила. Шест месеци бил држен во притвор, а подоцна е пуштен со кауција, за во јануари 2004 година италијанскиот суд да го прогласи за невин, заедно со Гарбер и со Лебедев, кои, исто така, се ослободени од обвинувањата!

ЈУГОСЛОВЕНСКИТЕ ВОЈНИ ПОДДРЖУВАНИ СО ШВЕРЦОТ НА ОРУЖЈЕ ОД УКРАИНА

Тоа што британскиот весник го начнал како информација, детално го истражиле словенечките новинари Матеј Шурц и Блаж Згага. Тие се автори на книгата „Во името на државата”, која се занимава со истражување на скандалозниот шверц на оружје во поранешна Југославија кој се одвивал и покрај ембаргото на Обединетите нации. Според нивните информации, Словенија била една од важните центри за складирање и транспорт на илјадници тони оружје од повеќе земји, вклучувајќи ја и Украина.

Новинарите неодамна дадоа интервју за магазинот „Укрејниан вик”, во кој велат дека се убедени оти токму Украина била еден од главните извори за шверц на оружје за време на југословенските војни. Првата пратка пристигнала во април 1992 година во Копер, каде што пристаништето важело за единствено на Балканот кое не било под меѓународна контрола. Бродот бил натанкиран со стотици противавионски и други видови на проектили.

Сѐ на сѐ, од различни земји во Словенија пристигнале осум брода кои донеле дури 12.000 тони муниција. Новинарите откриле дека парите завршуваат токму во фирмата на Украинецот Димитри Стрешински, „Глобал технолоџи интернешнел”, додека единствениот брод што ја напуштил Украина, а не стигнал во Копер е „Јадран експрес”, кој бил задржан од НАТО – силите во Венеција. Според овие Словенци, оружјето на „Јадран експрес” било спакувано во 133 контејнери и чинело околу 22 милиони долари.

Во книгата се спомнува оти посредник во текот на парите, меѓу Словенија и Украина, е австриската компанија „Скорпион интернешнел сервисис” на извесниот Грк Константинос Дафермос, а интересно е дека хрватскиот неделник „Национал” во 2005 година пишуваше дека во фирмата од Виена работи хрватскиот генерал во пензија Владимир Загорец, кој во раните 1990-ти беше помошник-министер за одбрана во владата на Фрањо Туѓман.

И МАКЕДОНИЈА БИЛА УКРАИНСКИ МУШТЕРИЈА

Магазинот „Укрејниан вик” потсетува дека Парламентот во Киев открил дека Украина наследила една третина од советското оружје, кое во 1992 година вредело околу 90 милијарди долари. Во наредните шест години, третина од ова оружје, вредно 32 милијарди, било украдено или било нелегално продадено.

Интересно е дека трговијата на оружје на Македонија со Украина се проби во јавноста откако и во нашава држава бевме сведоци на воен конфликт во 2001 година, во времето на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ во која министер за финансии беше Никола Груевски. Детали околу ова откри тогашниот министер за одбрана Љубен Пауновски во неговото писмо до јавноста од 2008 година, кое и денес може да се најде на сајтот на „Транспарентност Македонија”. Во писмото посветено на судскиот процес во кој е инволвиран Пауновски, тој говори за една интересна случка поврзана со увозот на оружје од Украина.

„На преминот меѓу март и април 2001 година, ми се јави нашиот амбасадор во Украина Блажевски, и ме информира дека во тамошната влада имало голема вознемиреност околу доставување на борбени средства за Македонија. Имено, во нивните институции се појавиле три лица од Македонија кои се претставиле дека ги испраќа премиерот Георгиевски за да ја завршат набавката на хеликоптери преку приватна фирма, а дека МО добило согласност од државниот секретар.

Бидејќи со Украина имаме меѓудржавен договор за набавки, директно држава-држава ова создало паника и револт, па Владата на Украина побарала нивниот министер да разговара директно со мене. Јас му соопштив дека не смееме да вршиме набавки надвор од меѓудржавниот договор, а никако преку приватни фирми, па на тие гости да им кажат збогум”, открива Пауновски во писмото до јавноста.

Дополнително, во една анализа на скопскиот Центар за стратегиски истражувања „Форум” се вели дека САД и нивниот експретседател Џорџ Буш никогаш не му заборавиле на Груевски дека во 2001 година лично ургирале до Украина да запрат доставите со оружје за Македонија. Кога сето ова ќе се земе предвид, малку од малку станува јасно, зошто никој не сака да се фали со влезот на овие Руси во „Топлификација”. А најмалку тоа би го направил Груевски!

Молчењето е богатство
ХАЏИМИШЕВ И ТОДОРОВ МОЛЧАТ
Со цел да ги потврдиме нашите сознанија, „Фокус” се обрати до Топлификација и до гасната централа „Те-то”, и побара контакт со првиот човек на Топлификација Димитар Хаџимишев и со Стојан Тодоров, поранешниот генерален секретар во Владата на Груевски и татко на Никола Тодоров, актуелниот министер за здравство. Тодоров сениор во моментов работи на раководна позиција во „Те-то”. До затворањето на ова издание од весникот, а десетина дена откако побаравме прием кај Хаџимишев и кај Тодоров, немаме никаков повратен одговор од нивните канцеларии!

Една поинаква фамилија
ЏУДО-ПАРТНЕРИТЕ НА ПУТИН
Да бидеш пријател на Владимир Путин е главна јавна функција во Русија, се вели во текстот на Данската асоцијација за истражувачко новинарство СЦООП.
Во серијалот текстови посветени на државната компанија „Гаспром” се истражуваат и бизнисите на браќата Аркадиј и Борис Ротенберг, кои, нормално, се пријатели на Путин. Аркадиј Ротенберг е поранешен џудо-партнер на Путин, а во меѓувреме бил прв човек на Националната џудо федерација и газда на спортскиот клуб каде рускиот старо-нов претседател е почесен член. Ова истражување ги поврзува компаниите на Ротенберг, кои блиску соработуваат со „Гаспром”, со фирмите на Леонид Лебедев!

Поврзани новости